Eвропската куќа на фудбалот (УЕФА) го објави новиот формат за квалификации за Лигата на шампиони и Лигата на Европа кои ќе важат од натпреварувачката 2018/19 година, така што со овие нови правила тешко дека некогаш ќе гледаме македонски претставник во најсилното натпреварување на стариот континент.
До сега беше тешко, а од сега ќе биде уште потешко!
Според вестите кои пристигнуваат од Монако, после состанокот на УЕФА, се наметнува формат на квалификации од кој ќе профитираат само клубовите од најсилните лиги, додека најголема штета ќе претрпат оние од помалите.
Со оваа промена УЕФА ќе го намали бројот на клубови во Лигата на шампиони од малите лиги, како што е на пример Македонската прва фудбалска лига, а ќе го зголеми бројот на учесници од најдобрите лиги во Европа.
Во Лигата на шампиони остануваат 32 клубови, а во Лигата на Европа 48.
Според новиот формат, четирите најдобри клубови од четирите најдобри држави по коефициент, ќе играат директно во Лигата на шампиони.
Државите кои се наоѓаат на петтото и шесттото место по ранкинг ќе имаат по две директни места, а земјите од седмото до десеттото место, ќе имаат само по еден претставник во Лигата на шампиони.
Овој потег УЕФА го оправдува со зголемување на квалитетот на натпреварувањето и максимизирање на комерцијалниот успех, меѓутоа тоа е во исто време и лоша вест, не само за македонскиот фудбал, туку и за фудбалот во регионот, затоа што сега сите клубови од Источна Европа ќе имаат трнлив пат до Лигата на шампиони.
А.Г.