Тимоти Лес: Првo федерализација, па присоединување на западна Македонија кон Албанија


Првин федерализација, па присоединување на западниот дел на Македонија кон Албанија, е шокантната и скандалозна визија на поранешниот британски дипломат Тимоти Лес содржана во негова неодамнешна колумна со наслов „Дисфункција на Балканот“ и во која отворено се залага за прекројуавње на границите на целиот Балкански Полуостров.

timoti-less

Лес, кој порано раководел со канцеларијата на британската амбасада во Бања Лука во БиХ, потоа на Одделот за институциите на ЕУ и како политички секретар на британската амбасада во Скопје, во својот авторски текст отворено се залага и им порачува на САД да го поддржат воспоставувањето нови – проширени и намалени – граници на повеќе држави бидејќи досегашната политика на мултиетничноста на Европската Унија за овој регион доживеала неуспех. Според овој поранешен британски дипломат, треба да се менуваат не само границите и внатрешното уредување на Македонија туку и на останатите балкански држави – БиХ, Србија, Kосово, Црна Гора. Сето тоа, смета Лес, треба да се спроведе првин со помали промени, кои потоа би завршиле со целосни промени на државните меѓи.

– На краток рок Вашингтон треба да ја поддржи внатрешната фрагментација на мултиетничките држави каде што малцинствата го бараат тоа. На пример, да се прифатат барањата на Албанците за федерализација на Македонија и тоа на Хрватите за трет ентитет во Босна. На среден рок САД треба да им овозможат на овие различни територии да формираат блиски политички и економски врски со своите поголеми соседи, како што е овозможување двојно државјанство и воспоставување заеднички институции додека формално ќе останат дел од нивната постојна состојба – е замислата на овој аналитичар, која би требало да се оствари во првата фаза.

Во следната, последна фаза, тој отворено порачува дека овие територии може да се обединат со соседните матични земји.

– Во последната фаза тие би можеле да се ослободат од своите постојни состојби и да се обединат со матичната земја, можеби во почетокот како автономни региони. Еден хрватски ентитет во Босна ќе се спои со Хрватска; Република Српска и северот на Kосово со Србија; и Прешевската Долина, западна Македонија, а и повеќето од Kосово со Албанија. Во меѓувреме Црна Гора, која може да ги изгуби своите мали албански енклави, или ќе остане независна или ќе се соедини со проширената Србија. Во остварувањето на овој план САД едноставно ќе ја заживеат визијата на Вилсон за Европа составена од самоуправни земји – освен во оној дел на континентот каде што оваа визија никогаш се применувала – потенцира тој.

Она што е интригатно во случајот е тоа дали ваквите идеи на Лес, кој е поранешен предавач на источноевропска политика на универзитетот во Kент и поранешен аналитичар за рејтинг-агенцијата „Дан енд Бредстрит“ каде што ги покривал Балканот и поранешниот Советски Сојуз, се резултат на неговите лични размислувања или тој се јавува, како што тоа е често пракса, како пренесувач на одредени пораки од повисоки нивоа на меѓународната политика. Од друга страна, неговите предлози, кои се адресирани најмногу кон новата администрација во Вашингтон предводена од Доналд Трамп, коинцидираат со политичките ставови на лидерот на опозицијата Зоран Заев поврзано за воведувањето на двојазичноста во земјава, промени на Уставот, проширувањето на Охридскиот договор… Тука се и ставовите на албанските политички партии во земјата кои се единствени во своите барања за целосна рамноправност на Албанците во земјава, службена употреба на албанскиот јазик и други. Од друга страна, тука се и проблемите во односите меѓу Србија и Kосово, како и сложената и жешка политичка криза во БиХ за статусот на Република Српска, но и за барањата на хрватската етничка заедница за целосна рамноправност.

Британскиот дипломат во својата заложба за промена на балканските граници тргнува до тоа дека на Kосово српското малцинство инсистира на самоуправни енклави, Албанците во Прешевската Долина сакаат поголема автономија, а во Црна Гора поголема самоуправа, а во Kосово и во Албанија с` повеќе се врши притисок за обединета албанска држава…

– На Балканот се враќа национализмот, а кога ќе избледи влијанието на Западот, ќе настапи нова ера на немири кои ќе резултираат со прекројување на денешните граници – анализира Тимоти Лес, кој сега е директор на агенцијата „Нова Европа“, која се занимава со процена на политичкиот ризик во источна Европа.

– Во последната деценија САД го намалиле своето присуство на Балканот, а одговорноста за постјугословенскиот регион ~ ја предадоа на Европската Унија. ЕУ тешката воена моќ на САД ја замени со меката моќ на проширувањето. Но, се покажа дека пристапот на ЕУ не може да ги реши проблемите што ги предизвикува мултиетничноста. Централна заблуда на ЕУ е дека малцинствата поголем приоритет ќе им дадат на политичките и на економските реформи отколку на територијата и на безбедноста. Босна, Kосово и Македонија се заглавени во политичка нефункционалност, економска стагнација и институционална корупција, како и нивните хомогени соседи – Албанија, Хрватска, па и Србија – објаснува Тес.

Тој истовремено предупредува дека Русија почнала да го користи своето влијание за да го фрустрира процесот на евроинтеграцијата поттикнувајќи ги малцинствата во своите барања за сепаратизам. Додава дека ЕУ с` уште не ја потрошила својата способност да зачува статус кво на Балканот и се обидува да ги турка земјите кон членството.

– Затоа е потребно радикално нов пристап кој треба да искова траен мир со решавање на основниот извор на нестабилност на Балканот: некомпатибилноста на политичките и националните граници. Дведеценискиот експериментот со мултиетничноста не успеа. Ако Западот сака да остане верен на својата долгогодишна цел на зачувување на мирот на Балканот, тогаш е дојден моментот прагматизмот да се стави пред идеализмот и да се конституираат нации држави чија популација може да ги задоволи нивните најосновни политички интереси – потенцира во својата колумна британскиот дипломат.

Шок за заговорниците на мултиетничноста

Лес на крајот заклучува дека овие предлози може да бидат шок за оние што досега многу инвестирале во политиката на мултиетничноста.

– Но, дебатата за Балканот е диктирана премногу долго од страна на западните дипломати и научници што го негираат она што им е очигледно на речиси сите во земјата: дека мултиетничноста во регионот е прекрасна идеја, но со мизерна реалност – заклучува тој.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.