Изминаа седум месеци од ветувањето кое градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, го даде за Ромите од населбата “Три багреми”.
Ако во ноември минатата година Јованоски заедно со тогашниот министер без ресор, Самка Ибраимовски, ветуваа струја, вода, пристапени улици и патишта, уредување на речното корито, осветлени патеки …., денеска состојбата изгледа како да не е помрдната од мртва точка.
Граѓаните од оваа населба сеуште немаат никаква инфраструктура, улиците наликуваат на долови, фекалии и ѓубре има насекаде, а асфалт и проекти никаде.
Капак на се, владеачкото мнозинство во Советот на општина Прилеп, поткрепено со гласот на советникот Сами Ајдини, им изгласа пред неколку месеци и повисоки сметки за вода на Ромите.
Зголемувањето на ставката за одведување на урбани отпадни води во сметката за вода за пиење, е значителен трошок за семејствата од оваа ранлива група граѓани во Прилеп.
Иако властите се обидоа да го прикријат тоа, граѓаните со сметките го потврдија.