“Пocт во вpeме на Koвид-19” – Пишува Пpoтoepej Љyпче Петpecки

ПОСТ ВО ВРЕМЕ НА COVID 19 – пишува Протоереј Љупче Петрески

Православните верници го започнаа последниот од четирите повеќедниевни пости во годината – четириесетдневниот Божикен пост, кој завршува во очи на Бадник – 6. jануари. Иако според должината е ист како и Велигденскиот, сепак овој пост е „поблаг“ кога се има предвид телесната страна на постот.

Божикниот пост е востановен за да се припремиме духовно, односно да се очистиме себеси со молитва, пост и покајание, и така, со чисти срца, душа и тело да го пресретнеме Синот Божји Кој се јави во светот и да се соединиме со Него преку Светата Тајна причест. Според Типикот, во овој пост, понеделник (манастирски устав), среда и петок се деновите кога се јаде храна без масло. Во вторник и четврток, храна со масло, а во сабота, недела и празник (Пречиста, св. Климент, храмова слава, домашна слава …) се благословува масло, риба и вино во умерени количини.

Сепак, Црквата потенцира дека вистинскиот пост не се состои толку во воздржување од храна (постот не смее да се разбере како диета), туку во правење добри дела, простување, помош на ближниот, посета на боолни и слаби, пружање утеха на оние кои се во неволја, во заедничка семејна молитва и чести посети на храмот и учество во Божествената Литургија и Светата тајна Евхаристија или причестување со телото и крвта Христови. Значи, поголема важност се дава на духовната отколку на телесната страна на постот. Бесмислено е да се воздржуваме од мрсна храна, па нека биде тоа и храна без масло, ако преку денот, со своето однесување, „јадеме“ луѓе. Ако ние ограничувајќи се од храна и забави, стануваме агресивни, раздразливи, осудуваме, се однесуваме „возвишено“ пред ближните, клеветиме и т.н., тогаш нешто не е во ред со начинот на постење.

Исто така, треба да се избегнуваат искушенијата како коцкањето, непристојните разговори и забави …

Во денови на пост се препорачува да размислуваме за трајните вредности: за Бога, за бесмртноста на душата, за односите со најблиските, за нашите гревови и нивното искупување.

Пред почетокот на овој пост, како парохиски свештеник. неколкупати бев прашан дали може постот да се ублажи, особено сред пандемијата од COVID 19?

Во принцип, Црквата утврдила околности во кои се благословува ублажување на постот (тука, се разбира, не зборуваме за духовниот ами за телесниот пост, односно храната, зашто духовниот пост за нас православните трае през целата година, 365 дена, и никој не може да добие разрешување односно ублажување на духовниот пост). Такви околности се, на пример, болест, примање силни лекарства, тешка физичка работа, старост, патување, воени обврски, и слично. Исто така, и за бремените жени и малите деца постот се ублажува во голема мера односно се ослободени од ограничувања поврзани со храна од животинско потекло.

Во 69-апостолско правило се вели: „Ако некој епископ, свештеник или ѓакон, не пости во светата Четириесетница пред Пасха или во среда или петок, ОСВЕН АКО НЕ Е СПРЕЧЕН ОД ТЕЛЕСНА НЕМОЌ, нека биде расчинет, а ако е мирјанин, да се исклучи од Црквата“.

Тука ќе ги споменеме и оние кои првпат посакале да постат. За некои од нив, според уставот пропишаниот пост, ќе биде како на бебе да му се даде да јаде месо. Затоа, свештениците имајќи ја предвид „возраста“ на верникот, благословуваат „млечна“ храна, соодветна на „возраста“, односно ублажен пост.

Болните, изнемоштените, луѓето во поодминати години, оние кои имаат проблеми со имунитетот и се слабокрвни, потоа со хронилни заболувања, дијабет, чир на желудник, панкреатит и други гастроинтестинални заболувања, кои се принудени да следат посебни диети, како и оние кои примаат силни лекарства, како што напоменав, најмногу подлежат на овие отстапки, особено кога тоа го советуваат и лекарите, зашто вистинскиот пост, онаков каков што е пропишан, е за здравите луѓе. Отстапувањето од менито препорачано од лекарите може да доведе до влошување на нивното кревко здравје.

Лекарите и експертите ретко препорачуваат пост за луѓе кои неодамна биле подложени на операција или поминале низ тешка физичка или психолошка траума. Исто така, се вели „болеста е двапати поголемо бреме од постот“. Ние, покрај за најскапото – душата, мора да се грижиме и за здравјето, односно телото кое е храм на Светиот Дух. Затоа, болните, не треба да ги занемаруваат советите на лекарите и свештениците и на своја рака да преземаат подвизи во телесниот пост кои се поголеми од нивните сили.

Ова особено, во овие денови на пандемија од корона вирусот, важи за оние кои биле „погодени“ од болеста COVID 19, и чии тела се борат со оваа нималку наивна инфекција.

Тука не можеме да ги одминеме и лекарите кои овие денови, грижејќи се за нашето здравје и живот до изнемоштување се борат со оваа болест, и едвај најдуваат време да стават некој залак в уста, и затоа, нивната „борба“ (и на сите кои носат огромен товар во борбата со оваа болест), слободно можеме да ја категоризираме како „тешка физичка работа“ која подлежи на отстапки од пропишаната рамка за постење.

Сепак, да напоменеме, на сите овие отстапки од пропишаната рамка на постот им претходи консултација и потоа благослов од парохискиот свештеник, односно духовник, и уште „ублажувањето“ или „разрешувањето“ не мора да значи целосно отфрлање на ограничувањата, односно јадење и месо.

За оние, пак, што се дрзнуваат самите да се разрешат од постот, светите отци велат: „Никој да не мисли дека може самоволно да се разрешува од пост по своја волја, како што има многу случаи кај свештениците и монасите, сами да се разрешуваат од постот, па и мирјаните ги наговараат со зборовите: „Јади кога јас сум разрешил“ или, пак, мирјаните сами без причина да се разрешуваат од пост. За оние кои јадат месо и сирење во Велигденскиот пост, во среда и петок, 132-то правило од Номоканонот заповеда: „Две години да не се причестува, па кој и да е“.

Често се случува, некои мирјани сакајќи да направат телесен подвиг, а без консултација со свештеникот, да постат строг пост, без масло, спротивно на каноните, во денови кога Црквата тоа го забранила, односно сабота (освен една и единствена Велика Сабота) и недела: „Ако некој клирик пости во денот Господов или во сабота (освен една единствена Велика Сабота), нека се расчини, а ако е мирјанин нека се одлачи (од Црквата)“ – 66 Апостолско правило.

Слободно можеме да констатираме дека во Православната Црква, најголемиот дел од „проблемите“ се регулирани со канони, но засите прашања кои не се споменати во нив, се одлучува на индивидуална основа, односно му се дозволува на духовникот да одлучи по негова слободна процена. Тука лежи одговорот на прашањето зошто ист свештеник дал различни упатства на различни луѓе, односно, да претпоставиме, проценил дека тие двајца верници не можат да постат идентично, односно едниот од нив добил благослов за ублажен пост и т.н. Значи многу прашања се решаваат меѓу свештеникот и поединецот. Затоа се вели дека секој пости на различен начин, според своите сили, или здравје.

Со надеж дека нема да бидам погрешно разбран, а со цел уште повеќе да ја доловам суштината на постот, ќе споменам и едно писмо, кое епископот и теолог, Игнатиј Брјанчанинов, кого денес Црквата го прославува како светител, и напишал на својата болна сестра: „Обавезно јадете говедска чорба и друга месна храна неопходна на барање на вашето тело.

Црквата во одредено време бара воздржување од месна храна, зашто постојаното конзумирање на таквата храна го распалува телото, а посната храна е за да се „излади“ и олесни, а не затоа што месната храна е нечиста или грешна. Тоа го велат оние кои „го цедат комарецот а ја проголтуваат камилата“. Еве уште еден уште остар цитат: „Да се вброи во самоубијците оној кој, не ги променува строгите правила на воздржување и тогаш, кога е нужно, преку храна, да се закрепнат ослабените сили“ – преподобен Јован Касијан Римјанин.

За крај, вредно е да споменеме и еден интересен настан од нашите краишта а поврзан со постот. Имено, во првата половина од 19-от век, во охридско владеел Џеладин Беј, одметнат од султанот, а со Црквата управувал митрополитот Калиник. Џеладин осудил 25 христијани на смрт со бесење. Митрополитот, за време на ручек, побарал од Џеладин да ја ублажи казната.

Тој го поканил да ручаат печено јагне, но Калиник учтиво одбил, како причина наведувајќи го постот, односно било Велики Петок, ден пред Велигден, кога христијаните речиси ништо на јаделе а камоли, пак, месо. Џеладин го условил: „Бирај, или ќе јадеш со мене и ќе ги ослободам луѓето или нема да јадеш и ќе ги обесам“. Калиник се прекрстил, ручал, а Џеладин ги ослободил христијаните. Голема работа е постот, но љубовта е уште поголема.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.