СОНК и Министерството за образование се договорија од 1 јануари просветните работници да добијат покачување на платите од 10 отсто, иако СОНК претходно бараше покачувањето да биде за 25%.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков рече дека на состанокот биле отворени и други прашања, како што се регрес за годишен одмор, трошоци за превоз до работните места и друго. Тој нагласи дека тука не запираат преговорите и за остварување на другите барања.
„Оваа средба создаде историски момент. Одлучивме да ги покачиме платите за 10 отсто од 1 јануари, 2020 година. Ова важи за сите вработени во основно, средно и високо образование. Со оваа одлука се враќа дигнитетот на наставничката професија. Јас сум горд. Интензивно се преговараше, се консултиравме и во следниот период ќе продолжиме со подобрување на статусот на сите вработени во образованието“, истакна Адеми по денешната средба со претставниците од СОНК.
Барањето за регрес за годишен одмор, како и почитување на колективните договори и исплата на прекувремените работни часови на наставниците беа дел од барањата на СОНК и претходно кои сега засега остануваат неисполнети.
Единствено нешто што добија просветарите од вака договореното е тоа што покачувањето за 10% нема да биде од април идната година, туку од јануари.