Денеска во просториите на кино салата Мис Стон, а во организација на ООУМ „Ордан Михајловски Оцка“, се оддржа вториот по ред семинар на народни инструменти каде предавач беше професорот Драган Даутовски.
Драган Даутовски е музичар со огромно искуство на полето на фолклорот и традиционалната музика, кој владее повеќе од 20 различни музички инструменти. Тој е професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје каде предава фолклор и традиционални инструменти и е член на ICTM (International Council for Traditional Music).
Професорот Даутовски им се заблагодари на гостопримството како и на идејата да се организира вториот по ред Семинар на народни инструменти и посочи дека истиот ќе прерасне во поголем и традиционален настан.
Директорот на музичкото училиште Игор Николоски посочи дека преку организирање на овој семинар ќе се придонесе за поголем развој на македонската музика, како и знаењето на учениците кои ги изучуваат народните инструменти во музичкото училиште.
Градоначалникот Марјан Ристески ги поздрави присутните и истакана дека е чест и задоволство што во градот под Марковите кули денеска е присутен познатиот бренд на народните инструменти и негувач на македонската музика, Проф. Д-р Драган Даутовски.
„Со овој семинар ќе се зголеми популаризицијата во користењето на народните инструменти како и продолжување и негување на традицијата на македонската музика и култура, посочи градоначалникот Марјан Ристески во својата изјава.
„Целта на семинарот е да се доближат младите до фолклорот и традицијата. Денеска имаме гости наши колеги од Битола, Штип и Кавадарци, а посебно сакаме да му се заблагодариме на основоположникот на фолклорот и традицијата професорот Даутовски кој секогаш ни дава несебична поддршка“ рече Мендо Ташкоски професор по народни инструменти.
Посетителите имаа можност да се запознаат со вештините на свирење на народни инструменти, а покрај практичната настава се одржаа и теоретски предавања поврзани со народните музички инструменти.