Прекрасно: Наставниците од ООУ “Климент Охридски” – Прилеп испратија колаж порака до своите ученици

Сведоци сме на безброј пораки, видеа, фотографии… кои шират емпатија и храбрат да се издржи во ситуацијата во која веќе некое време сме западнати.

Ова чудно време сите нe’ загрижува и обременува. Тука особено се погодени учениците, на кои им е скратена слободата што ја имаа. Истовремено се обременети со новиот начин на изведување на наставата.

Истата судбина ја имаме и ние наставниците. Сите заедно пливаме во немирните води во кои сме принудно. Затоа пораките се показател за грижа, за мислење за некого… за поддршка и соочување со истата мака.

Една таква порака-колаж направија наставниците во германското училиште Dietrich-Bonhoeffer-Schule (Lich), во кое работи Андријана Атанасоска, поранешна ученичка во ООУ „Климент Охридски“, а сега професор по математика и физичко образование.

-Овој колаж наишол на позитивни реакции и покренал таков предизвик ширум Германија. Тој предизвик дојде преку неа и кај нас. Па ние, наставниците од ООУ „Климент Охридски“ решивме да испратиме колаж-порака со која ги храбриме нашите ученици, но и ги поттикнуваме на трпение и посветеност, поддршка на семејствата и љубов кон сите. Се надеваме дека овој постер ќе ги стопли нивните срца и ќе најдат сила да издржат. Ќе ни бидат нам смисла, за и ние да издржиме – велат од училиштетот.

Пораката: Ученици, во овие чудни времиња, само: љубовта, посветеноста, поддршката и трпеливоста можат да го победат секое зло. Бидете силни! Вашите наставници!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.