“ПОСЛАНИЕ ДО СЛЕДБЕНИЦИТЕ НА ПСИХОПАТОТ”

Седев на клупата во паркот. Несакајќи присуствував на љубовна расправија. Исто како и нејзината другарка, која стоеше понастрана. Тој бараше прошка затоа што ја лажел. Слаткоречив дечко. Не му било прв пат да ја лаже. Навивав да му прости. Колку само се изненадив кога таа му возврати: „Ти не си З.З. па да ти простам за твоите лаги!“ Што слушнаа моиве уши?! Не знаев дали се шегува или навистина го мисли тоа? „Сепак, ќе размислам дали да ти простам!“ – рече таа и се сврте. Тој со наведната глава замина а тие седнаа на соседната клупа. „Знам дека ме лаже, ама сакам да го слушам“ – и’ рече на другарката. Разговор вреден за размислување.

Е па, драги мои подржувачи на Заев, ве потсеќа ли ваквото однесување на некого? Доколку не, повелете застанете пред огледало.

Но, да одиме по ред. Прво, потврдувам дека писаниево е за Вас, гласачите на Заев и членовите на СДСМ, луѓето кои се’ уште сериозно не разбрале, поточно не сакаат да разберат, кои се луѓето кои денес ја водат нашата држава и нивниот водач. Ова ќе биде своевидно „да ви нацртам“, за утре, кога ќе дојде Денот на Есапот, да не можете да речете дека не знаевте.

Сите ние, а особено Вие, навикнавме да замижуваме пред таа доза на неискреност во политичките ветувања. Но, Вие, очигледно мазохистички уживате во тоа иако добро знаете дека политичарите би требало да бидат пример за примерни граѓани кои ја зборуваат вистината и ја исполнуваат нашата волја, на народот кој ги избрал и поставил на таа функција. Но, нашите политичари, особено Вашиот „Лидер“, се далеку од таквиот пример, бидејќи кај сите е детектирано лажење а најмногу, невидено досега, кај „Лидерот“. Сите сакаат бајки, особено ние македонците, но ова, изгледа е време на „себедумкање“ и себекастрација на пресметливоста.

Сте се запрашале ли зошто Тој така се однесува, односно зошто постојано лаже?

Единствената одржлива теорија за Неговото однесување ја дава полскиот психијатар Андреј Лобачевски. За нас значајно е неговото откритие дека личноста која постојано лаже без тронка грижа на совеста, која нема сочувство, сенс за морал и која работи со единствена цел – да остане на врвот на пирамидата, во суштина е ПСИХОПАТ!

Јас ќе додадам: расипан до коска! Според него, потеклото на секое зло е во ВЛАДЕЕЊЕТО НА ПСИХОПАТИТЕ – кое го нарекле ПАТОКРАТИЈА, односно владеење во кое поединци со психолошки пореметувања (особено со психопатски пореметувања) заземаат владејачки места во општеството и политиката. Неговиот тим сфатил дека оваа форма на владеење произлегува од тоталитарен состав во кој Оној што владее се свртува против сопствениот народ.

Тој јасно ставил до знаење дека среќното општество и просперитетот претпоставуваат оневозможување на психопатите да дојдат на власт и да управуваат со државите но, пред тоа, општеството прво мора да го вкуси нивниот јарем за да може ефикасно да се бори со нив, односно да може да ги препознае.

Епа луѓе мое, ако до сега не „вкусивте“ доволно, тогаш навистина сте мазохисти. Ако, пак, Ви е доста, тогаш покажете заби и спротивставете се! Зарем не ги препознавате карактеристиките на ПАТОКРАТИЈАТА во нашата држава: тоталитарна форма на владеење во која се злоупотребува апсолутната политичка власт која ја предводи психопатска елита? Дали е сега појасно?

Една арапска поговорка вели: Ако еднаш ме излажеш – ти си кабаетлија. Ако по втор пат ме излажеш – тогаш мој е кабаетот. Не се чувствувате ли „кабаетлии“? Јас сигурно не се чувствувам така, затоа што никогаш не му верував па сега да се чувствувам прелаган. А добро знаете дека се’ почна со лага уште во 2016 г. со неговото ветување дека ако изгуби на изборите ќе даде оставка.

Оттогаш на своето конто тој нанижа уште безброј лаги. Иако горам од желба да Ви ги плеснам сите, сепак, не можам затоа што текстов би станал книга од неколку томови. А и нема потреба затоа што сте свесни за секоја негова лага, нели? И затоа не можам да Ви се изначудам. Апсурдни сте до бескрај. На Ваш пријател не би му простиле лага, но на психопатот му проштавате безброј.

Вие, со Вашето однесување, придонесувате да поминуваат неговите лаги. Се однесувате како ноеви, закопувајќи ги главите во песокта. При уши се правите глуви и при очи слепи. Ги игнорирате информациите кои Ве вознемируваат и претпочитате да не размислувате за проблемот. Претпоставувам затоа што така Ви „надробиле“ в партија по наредба на Психопатот. И сркате ли сркате! Или, пак, затоа што полесно Ви е да живеете во лага. Не сакате да превземете одговорност.

Се однесувате како небаре неговото лажење да е нешто најнормално, или како што некои милуваат да кажат „заради повисока цел“, потоа преминувате преку тоа и полека, полека и самите почнувате да верувате во лагите на Психопатот. Само да ве потсетам на неговите зборови: „Го донеле З.З. да го промени името! Ајде мајката!“ И уште дузина слични упатени кон народот. Со сигурност знам дека мнозина од Вас му веруваа на таквите зборови.

Ама после сите лаги се’ уште да му веруваш на ветувањата дека се’ ќе биде во ред особено после референдумот, тогаш имаш некаков проблем. Знаете, луѓето без паметење и сеќавања, ако воопшто постојат такви, се тешки случаеви. Од нив бегаат и лекарите. За нив копнеат само политичките лажливци и преваранти.

Дали неговото однесување е неочекувано? За мене не, а знам со сигурност, дека за Вас е неочекувано. Можеби дел од Вас знаеја дека Психопатот има намера да го промени името, ама тврдам дека не очекуваа тоа да биде erga omnes, и тоа на ваков подмолен начин, газејќи врз народот, институциите, правната држава, Уставот. Тврдам дека мнозина партиски членови се изреволтирани и посрамени, но молчат и голтаат кнедли.

Дали Вашето однесување е неочекувано? Да! Вие правевте револуција, се боревте против режим, против неправди, против корупција, криминал и т. н. И, сега, сето тоа Ви се удри од главата. Сега, Вашиот Психопат, се покажа двапати полош и трипати „погрд“ од претходниот, со оглед на фактот колку многу зло направи за толку кратко време. Немојте да се „вадите“ со муабетот: „Ами што правеа овие претходниве 11 години? Да не беа тие подобри?“

Дали тоа подразбира дека и Вашата партија треба така да се однесува? Извинете, ама сега Вашата партија е на власт. А Вашиот лидер, тоа подразбира и Вие, високо ја подигнавте летвичката на ветувањата само за да го турнете од власт режимот. Е сега, секој очекува да ги исполните ветувањата. Немојте да се правите наудрени, зашто и Вие сносите одговорност што нема ниту трага од ветувањата. Зошто? Па затоа што и Вие агитиравте, и се боревте против претходната власт. Не го префрлајте кабаетот само на големите! Вие сте кабаетлии и затоа што молчите.

Со молчењето го поттикнувате Психопатот уште повеќе да лаже и да верува дека и следната лага ќе му помине како и претходната. Зарем не разбирате дека со таквиот негов однос гази и врз Вашето достоинство и ја навредува и Вашата интелигенција?

Жал ми е навистина, затоа што знам дека во партијата имате навистина добри луѓе, грамотни, чесни кои ги сакам и ги почитувам. Интелектуална елито на СДСМ, што се случи со Вашите чест и достоинство? Имате ли воопшто свое мислење? Вие ја имате одговорноста да го сопрете газењето на правото, продавањето на националните интереси, арамилакот …

Зарем приципите на Психопатот се и Ваши принципи? Зарем и Вие сакате да си ги „окрвавите“ рацете учествувајќи во неговото велепредавство? Како се’ уште можете да молчите пред неговите лаги? Ајде, ќе бидам реален и ќе кажам дека сите ние лажеме, некој помалку, некој повеќе, ама тоа дијание лаже постојано. Во своето лудило отиде толку далеку што ја воведе лагата како највисоко морално начело. Ја резонирате ли тежината на глупостите направени кон народот? Свесни ли сте дека ве користат? Имајќи го предвид Вашиот „став“, народот треба да биде загрижен за својата иднина.

Сепак, иако Вашето молчење е громогласно, не сакам да верувам дека не чувствувате несогласување, револт и гнев против катастрофалните политики на Лажгото. Напротив, сакам да верувам дека набрзо ќе дојде времето кога целосно ќе се отрезните и ќе почнете да викате – Царот е гол! Затоа, повелете, застанете пред огледало и ќе видите дека Вие сте луѓе кои не заслужуваат да бидат злоупотребувани како безгласни партиски послушници.

Охрабрете се и покажете дека сте подобри од него и тие околу Него. Немате право таков лажливец да „одржувате“ во живот на јавна функција. Со неговите лаги се урнисува општествената доверба која е општествено добро и мора да се чува како воздухот кој го дишеме, во спротивно пати целата заедница.

Всушност, мислам дека сега е моментот да направите одлучувачки чекор кон зачување на Вашиот намуз, Вашиот авторитет а со тоа и на Вашата партија чиј углед е урнисан. И мене, како и Вам, ми е смачено веќе едни исти луѓе, катаден да ги слушаме и гледаме како прогласуваат дека капитулацијата на државата всушност е победа, дека предавството не е предавство ами благородно дело и дека продавањето на државата не било продавање ами купување на иднината. И Вам ви е јасно дека цената е превисока. Не ви велам да бидете против членство во ЕУ и НАТО.

Верувам дека бројот на таквите луѓе е минорен. Ви велам да бидете против ваквиот начин, со прифаќањето на лошиот Договор со Грција, со газењето на правната држава и со изигрувањето на волјата на граѓаните преку манипулирањето со референдумското прашање и референдумот воопшто. Ви велам да не бидете соучесници во историскиот геноцид врз сопствениот народ, да не бидете национални „самоубијци“.

Затоа, ајде да се обединиме и да си го зачуваме името, кое ни го оставиле предците во аманет, да си го зацврстиме идентитетот, историјата (видовте какво понижување, како народ и држава, доживеавме деновиве од страна на Бугарија).

Ајде на сите непринципиелни политичари, внатрешни и надворешни, да им покажеме дека не сме само обична толпа безмозочни битија, да запреме со партиските поделби, да се обединиме под знамето на Македонија! Сега е моментот на одлука. Потоа ќе биде доцна за било што.

Толку имав да Ви кажам!

Протоереј:

Љупче Петрески




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.