Популарниот фолкер Аца Лукас доаѓа во Крива Паланка на 28-ми август и ќе има концерт во склоп на фестивалот „Џој фест 2022“, беше најавено во медиумите и на социјалните мрежи.
Но, сепак, тоа нема да се случи бидејќи Крива Паланка остана без пари за овој фестивал. На министерството, не му се допадна изборот за Аца Лукас да биде изведувач бидејќи тоа не било пријавено од општината.
Буџетските средства наменети за Здружението за културни и уметнички дејности „Џој Фест“ од Крива Паланка, ќе бидат стопирани, бидејќи во апликацијата до Министерството за култура беа наведени други изведувачи, а не познат турбо-фолк пејач од Србија, соопшти Министерството.
-Организаторите на фестивалот годинава добија 153.000 денари од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2022 година. Но, поради непочитување на критериумите и вметнување на турбо-фолк пејач во програмата, тие нема да ги добијат овие средства, велат од Министерството за култура.
Оттаму велат дека кога Министерството за култура ги објави резултатите од Конкурсот во февруари годинава, појасни, дека предност имале проекти кои промовираат култура, посебно на домашните уметници.
Тие велат дека Министерството за култура поддржува проекти кои се во функција на развојот, афирмацијата и промоцијата на културата, а особено внимание е посветено на поддршка на проекти на млади, на проекти наменети за деца или за лица со посебни потреби.
-„Џој фест“ е во рамките на манифестацијата „Кривопаланечко културно лето 2022″ која ја организираат Општина Крива Паланка, ЛУ Градски музеј и НУ Центар за култура, во соработка со повеќе локални здруженија од областа на културата и уметноста, а е финансирана од Општина Крива Паланка, Министерство за култура на Република Македонија, како и останати поддржувачи, се вели во соопштението.