Марија Кулеска, поет, професор и лингвист, денес на својата социјална мрежа ја објави својата прво долга поетска творба. Таа кажува :
Се обидов инспирирана од избликнатиот трепет на онаа онаа проста и строга македонска песна, вкоренета во духот на нашата култура, да ја создадам мојата најдолга поема. Синтагмата за проста и строга македонска песна, е парадигмата, во која чука срцето на македоснкиот поет. Тоа е пулсот на дамнината поврзан со денешницата, аманет оставен од нашиот Блаже Конески. Тоа е сила која во себеси ги влечи контрастите, парадоксите, кои ги живее македонскиот народ, се до достигнувањето на една хармонична целесообразност на зборот со нашиот жив дух, нашиот темперамент, но и чувствата на тага и меланхоличност.
Користам архаични зборови и симболи кои се трасираат до митолошки значења, но и симболи кои својата спротивност ја сопоставуваат, притоа не се надминуваат и не се негираат, ниту пак се надополнуваат. Архаичниот народен збор е како шепот и вечен довик од минатото, кој доколку биде искоренет од јазичната употреба, би било како да изгубиме дел од себеси. Да не дозволиме да се случи умртвување на народниот архаичен збор. Фокусот на оваа поема освен што е онаа едноставност, создадена со многу тага, во македонските песни, исто така е поема за зборот или Ars Poetica. Зборот со својата благотворност како создавач, кој им помагал уште на средновековните маченици да се избават од мракот и да ја најдат светлината. Зборот беше тој, кој го индивидуализираше човекот. Зборот беше одраз на стремежот и сонот, преку апокрифните писанија, да се одделува индивидуата од средновековната стигматизација. Фокализацијата е интерна, се изразуваат сопствени чусвтва и емоции и се прави еден амалгам на различни симболи идеи, кои според Бахтин го изразуваат дијалогизмот, одноно отвореноста кон поширока интерпретација.
Во прилогов проследете ја поемата:
Зошто молчиш?
Кога, ноќта во својата заплеткана сенка
Бројни копнежи, крои
И, издишки скриени брои
Љубов моја, што лузни ти предизвикува ?
Та, толку мисли те навјасуваат
И толку тегоби, те сардисале
Кому сакаше, зборот твој да го дадеш ?
Кому сакаше, твојата душа со ситна надеж
Да ја оставиш, на лекомислен грабеж?
Што молчиш љубов,
Зарем успението не ти е водилка?
Дренките венеат,
Твоето молчење, го суши црвениот сок
И, твојата тегоба, ја јади душата
Зошто, го прескокна мигот
И оросени дренки кинеше ?
Зошто не го превозмогна страданието ?
За да, допреш до сушноста
И насушна да стане, онаа тегобојност
И, онаа бојазлива сенка
Што душата во ситната роса, ти ја раскина
И те распарчи во ситните капки
Зборот твој во мојот, да биде роден
Зборот твој и твојот сон
Во утробава да се зачнат,
Во единство од спротивности,
Го калемеше животот
Празното и среќното беа световно
А, полна и тажна, ти беше душата
Го љубеше постоењето на минливото
И минливото го правеше трајно
Оти велеше, времето од ѓаволот е смислено
Судбината, сакаше да ја скинеш
И во нејзините коси, забите да ги ринеш
„Пишувам, љубов испишувам “ велеше
Врз времето буквите ги пишувам
За да ги знаат, само оние кои те знаат
За да ги знаат, оние, кои душата ти ја читаат
А јас, врз хартија душаат озарена
Недозреано јаболко, ја пишував
Пред тебе да те сретнам
Мислев, дека морам, да мерам сé
Ама, секоја мерка, беше различна
И хаосот се преврти
Кога твојот збор, се појави
Зарем булките, не те будат повеќе ?
Зошто ги пишуваш буквите обратно ?
Зарем мислиш, душите ќе станат ?
Ќе ги разбудиш ли сенките заспани ?
Оние, што не можат, да се бранат
Во гората, во сончевина облеани
Зошто твојот збор во мене бесот го разбуди?
Бесот за непроспиените мајчини ноќи
Од клетоста на туѓи празни моќи
Од прашина собрана, од улици
Од лојот, во кој се препелаат
Кога, во тивки одаи, се повлекуваше
За солзи, да лее
Оти на чедото, му беше одземен сонот
Сонот, што во плевелот, го калемеше
Оти веруваше, дека и плевелот не е неплоден
Веруваше, дека грозотијата е измислица на сеништа клети
Затоа што, само зборот убавината ѝ ја вети.
Сонот, за да ги спознае длабочините.
Древен сон, што од минато го сонила
И ѝ доаѓа, да го означи
За душата, да си ја озрачи
Оти тогаш чувствува, дека не е сама
знае дека може да страда, само од својата кама
И ја разбуди, игривата живост и мечтата
Што се прпелка, во дождливи капки
И се овоплоти твојот збор со мојот збор
И тука, настана безличноста
тука се случи, оставањето на себеси
и поаѓањето кон едноличната живост
страста во човека, ја сакаше
скиселената душа, му ја бркаше
Кажи ми, љубов, кои долапи останаа празни ?
Велеше дека судбината не ти била драга
И со клети сказни
Ти даваа, маченички световни казни
Водилка ти станав, во судбинските далги
И црнилата ги откорнав
Што пелин на јазикот, ми ставаа
Црвенеам од погледот твој
А знам дека белееш, ти во духот свој
Ах, што азно носиш во себеси
А патила, патот ти го послаа
Сега, мечтите скинати
Дај ми ги да ти носам
Ќе ги зацелам
И на синија позлатена збор, ќе врежам
Среброљупците ќе загинат од зборот
Зловолните ќе се стишат
Помалку ќе зборуваат, повеќе ќе читаат
Зборот нѐ поврзува со судбински вериги
Недогледни, и неспретно се справуваме
Ама, со дланки, треба да го милуваме
Не да се обидуваме, да го престигнуваме
Да не поитуваме
Да не дозволуваме, наврапито само една вистина
Да нѐ престигне
Тука, да бидеме задоени
За, со зборот бремиња броени
Во баздења скроени
Да ги фрламе
Зошто молчиш, душо , зошто пишуваш обратно од секој?
Зарем ќе покажуваш, дека постојат вистини бројни
Зарем бледила ќе оттргнеш стројни ?
Од оној, кој не може да бега од својот неспокој
Кажи ми, песно со зборови искитена
Зошто во твоите јазли , спасот го најдува?
Па, саноќ сонот не го фаќа
Зарем зборот толку го подига духот?
Та, секој мрак во својот праоблик поитува
И зарем човек веднее глава само пред зборот ?
Зборот кој се раѓа, и останува
Врежан во духот на човека
Од праоблик свој не излегува
Ами, добива нова руба
Нова руба, што човекот ја гнаси
И бие шега со туѓата плотна мака
Ама, ја краси, кога зборува
За на човека светлина, да му донесе.
И таму, во љубењето на ноќниот зрак и росата
Во осамнувањето на тајната
Јас, ќерка на месечината бев
Седната, во мракот на бедата
Косата со свила, ми беше покриена
И сонував, дека ти бдеев над глава
Со милувалки и искри од зборови
Стравот го победував
Испишував, во ѕидиштата
Иззабени од времето
Пишував за нас
Оти немаше човек, кој може, да ја одрече љубовта
И не се родил човек, кој не доживеал животворен копнеж
Да ја оживее љубовта со збор
И зборот да го дарува секому
За осветление да не скрати никому
Кога зборува напразно
Го љубев зборот повеќе од себеси
И, во мракот, писанието неразбирливо беше
Ама, оној, кој светлина носи, го разбираше
Од таму, од мракот се раѓаше
Ѕвездата , што беше спуштена за народот
Да ја гледа и да ја чува
Ѕвездата, што триесет и еден миг, сама се обременува
И, ги распоредува во очуденото невидливото
Видливото го прави исконско
И убавото и грдото ги поврзува
Ништото со полнозначност го оплодува