Пациент паднал од болнички кревет и два часа викал по доктор и сестра, а на крајот се јавил на 112

Пациент што бил хоспитализиран во болницата во Велес неодамна свртел на единствениот телефонски број за итни случаи 112 за да побара помош откако претходно паднал од болничкиот кревет, но никој од вработените во болницата не дошол да му помогне. Случајот го сподели првиот човек на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, во поткастот на СДК.мк, додавајќи дека иако бизарен и чуден се завршил успешно.

„Нашите оператори најпрво мислеле дека станува збор за некое недоразбирање оти како е можно лице кое е згрижено во болница да бара помош? Но, навистина било така. Лицето било примено во болницата, но во текот на ноќта паднало од кревет и барало помош од сестра и доктор. Никој не доаѓал два часа. Успеал да дојде до мобилниот телефон и се јавил кај нас. Имал шипки во рацете и ‘рбетот“, вели Ангелов.

Кога операторите во Центарот за управување со кризи го пренасочиле повикот до Брзата помош и оттаму биле збунети оти требало да интервенираат во болница. Било исконтактирано и обезбедувањето на болницата, но тие немале соодветен клуч и не можеле да влезат во собата каде што бил сместен пациентот.

„Настанала вистинска драма која траела 40 минути додека влегла Брзата помош. Нашите мислеле дека пациентот починал оти одредено време го немало на линија, а тој го исклучил телефонот за да ја зачува батеријата. На крај овој бизарен случај се заврши успешно, Брзата помош спаси пациент кој падна од кревет во велешката болница“, додава директорот на ЦУК.

Единствениот број за итни случаи 112 беше пуштен во функција пред три години, во февруари 2021 година.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.