Општина Кривогаштани мета на домашните и странски инвеститори

DSC00064

Рапидно расте интересот на домашните, но и странски инвеститори кои своите бизнис планови избираат да ги реализираат во општина Кривогаштани. Ова се причините што локалната власт одлучи да се прошири индустриската зона „Славеј“ во атарот на истоименото село, за 7, покрај постоечките 6 хектари.

MEC_2226

„Во тек е подготовката на урбанистичката документација и за овие 7 хектари слободно државно земјиште, така што површината на индустриската зона „Славеј“ ќе се простира на вкупна површина од 13 хектари’’ , истакнува градоначалникот Тони Заткоски.

Во индустриската зона „Славеј“ досега две домашни компании имаат купено земјиште на вкупна површина од 11 парцели.

На 3 парцели фирмата „Кривогаштани-Промет“, го развива својот бизнис за откуп и преработка на земјоделски производи. Додека, фирмата ДООЕЛ „Стефан“ којашто купи 8 парцели, планира со почеток на градежната сезона, годинава, да започне со изградба на капацитетите за преработка на замрзнат зеленчук.

DSC00101

DSCN7012

Дека Кривогаштани станува навистина атрактивна мета на инвеститорите, доказ е и тоа што во близина на оваа индустриска зона, во тек е реализација на уште две бизнис инвестиции.

„Едната е браунфилд инвестиција, на Цветко Петрески, иселеник  во Америка, (по потекло од Долненско).  Тој го купи старото училиште во селото Славеј за да ги оствари своите планови. Ќе отвори погон за производство на конзервиран зеленчук и овошје. Вкупната инвестицијата е вредна милион американски долари“, објаснува градоначалникот Заткоски.

Инаку оваа е трета инвестиција во индустриската зона „Славеј“ во општина Кривогаштани. Оваа инвестиција во голема мера ќе го амортизира пласманот на пиперки во општината, кадешто годишното производство  тежи од 20.000 до 30.000 тони.

А, според анализите, во општина Кривогаштани има потреба за уште два други преработувачки капацитета, за апсорпција на целата годишна реколта.

DSC00106

Веднаш до индустриската зона „Славеј“ во близина на селото Врбјани, во тек е реализација на гринфилд инвестиција, на домашната фирма „Чико лукс“, за изградба на погон за производство на кори и други видови тестенини.

,,Инвестицијата ќе биде вредна над 200 илјади евра и планирам да вработам од 20 до 50 луѓе. Моментѕално произведуваме кори кои што ги пласираме во југозападниот дел на Македонија. Со новата инвестиција планираме да го прошириме асортиманот, со производство и на други видови тестенини’’- Изјави  Славиша Петрески,  сопственик на Чико Лукс.

Но, плановите на Општина Кивогаштани не застануваат овде. Пред неколку денови заврши огласот на Министерството за земјоделство, за издавање под концесија на околу 550 хектари државно земјиште, во атарот на селото Славеј, на потегот кон Општина Долнени. Двајца странски инвеститори веќе покажаа интерес за вложување. Едниот  е бизнисмен од Турција, со догорочен план за реализација на инвестиција во производство на пченка и масло од пченка, а другиот инвеститор е од Дубаи со намера да отвори голема добиточна фарма и кланица. Откако ќе завршат и законските рокови за жалба, набрзо ќе биде познат новиот концесионер на ова државно земјиште.

„Општина Кривогаштани голем дел од својот капацитет го насочува кон привлекување колку домашни, толку и странски инвеститори. Иако немаме директни ингеренции во отворањето нови работни места, како локална власт, сепак вложуваме максимални напори во мотивирањето на инвеститорите, своите бизнис планови, да ги реализираат во нашата општина. Им нудиме бројни поволности, секако во соработка со Владата, како дел од заедничката стратегија за интензивен и успешен економски развој и намалување на бројот на невработените. Сметам дека инвеститорите ги препознаваат нашите искрени напори, транспарентност и подготвеност во секој момент да излеземе пресрет на нивните барања. Затоа општина Кривогаштани е мета на инвеститорите“, изјави градоначалникот Заткоски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.