Македонците од Бугарија извојуваа голема победа против бугарската држава во Судот за човековите права во Стразбур.
Со денешната пресуда на Судот за човекови права во Стразбур, Македонците во Бугарија извојуваа голема победа против Република Бугарија во спорот кој пред Судот во Стразбур се води од 2013 година. Пресудата доаѓа само десетина дена пред најавеното вето на Бугарија против Македонија во процесот на отпочнување преговори на Македонија за членство во Европската Унија, пренесува ПресингТВ.
„Македонски клуб за етничка толеранција во Бугарија“, здружение со седиште во Благоевград и претседателот на нејзиниот одбор Ангел Кирилов Радонов, државјанин на Република Бугарија, на 10 октомври 2013 година пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, преку адвокатот Тони Менкиноски поднесе апликација против Бугарија за повреда на правото на здружување, бидејќи Бугарија одби да го регистрира здружението од причина што според неговата дејност треба да ги негува и афирмира македонските етнички обележја и традиции различни од бугарските.
„Македонски клуб за етничка толеранција во Бугарија“ е здружение кое во својот статут ги афирмира правата на Македонците како посебна етничка група во Бугарија.
Европскиот суд за човекови права во Стразбур денес ја осуди Бугарија, носејќи пресуда со која утврди, дека е повредено правото на здружување по членот 11 од Европската конвенција за човекови права на Македонците во Бугарија. Сега, Бугарија е задолжена во согласност со оваа пресуда да го регистрира „Македонски клуб за етничка толеранција во Бугарија“ и да им исплати штета од 7.500,00 евра во рок од 3 месеци.
Со оваа голема победа во Стразбур, Македонците во Бугарија многу и’ помагаат на Македонија да се справи со политичките условувања од официјална Софија против македонското национално малцинство во Република Бугарија. Со оваа пресуда, сега во Бугарија ќе има здружение на Македонците во услови кога официјална Софија сака да биде укинато постоењето и на македонскиот јазик.