На само 13км од Прилеп се наоѓа величествен црковен храм за кој малкумина знаат дека постои (Фото галерија)

На околу 13 км североисточно од Прилеп, вгнездено во една заветна долина меѓу ограноците на планината Бабуна, со врвот Козјак (1776 мнв) од југоисток, делот од планината наречен Роман со врвот Орлов Камен од север, како и врвот Ќаве (1203 мнв) од северозапад, се наоѓа селото Крстец.

Селото за жал денеска е целосно раселено, а најголемиот дел од куќите се руинирани или разрушени. Само неколкумина поранешни жители навраќаат постојано и одржуваат помали површини со земјоделски култури, а дел одгледуваат и пчели.

Ние денеска ве водиме во црквата Св. Никола, црковен храм од непроценливо богатство кој датира од далечната 1881 година.

Црквата е еднокорабна градба, полукружно засведена, со полукружна апсида на источната страна, оживеана со пет слепи ниши. Живописот во црквата датира од 1943 година, дело на браќата Доневи од Гари.

Maлкумина знаат за овој фасцинантен црковен храм кој поминал низ голем број бурни временски периоди и се’ уште стои цврство и сведочи за сите настани кои се случувале на овие простори.

Благодарение на поранешни жители на селото и добронамерници, црковниот храм е одржан во истата автентична архитектонска градба.

Во моментов во тек е изградба на трпезаријата. Вредниот одбор се бори колку што можи да обезбеди материјали и финансиски средства, но сепак секоја помош е добредојдена.

Место вредно да се посети за престојните празници, ќе бидете воодушевени, а потоа редовно ќе доаѓате со вашите блиски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.