Во просториите на Економскиот факултет во Прилеп денеска се одржа свечена промоција на новата генерација на дипломирани студенти и магистри.
На промоцијата присуствуваше и градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески кој имаше свое обраќање пред присутните.
-Чест ми е што денеска бев на свечената промоција на новата генерација на дипломирани студенти и магистри на Економскиот факултет во Прилеп, кој работи во рамките на еден од најреномираните Универзитети во Македонија Св.Климент Охридски.
Се радувам заедно со вас на постигнатиот успех, бидејќи студирањето и стекнувањето со универзитетска диплома не е само едноставно собирање на знаење по патот на добивањето на квалитетни теоретски и применливи знаења, туку тоа е испреплетено со истрајност, посветеност и многу животни одрекувања. Нeмa лeceн пaт дo нayкaтa. И, тоа треба да се вреднува! Иако и јас и вие знаете, дека, со излегувањето од овие студентски клупи во полето на високо конкурентниот пазар на трудот, вашата едукација нема да заврши тука, бидејќи денеска во ова ново, дигитално и динамично време постојано се бара доусовршување и залагање за самонадоградба. Часовникот на едукацијата никогаш не застанува.
Во оваа насока, почитувани дипломци и магистри, Вие сте нашиот најсилен партнер во креирање на политиките во локалната заедница и во битката кон подобра иднина и подобро утре на целокупното општество, вие сте нашата најголемата надеж за развој на нашиот кревок општествен систем. Вие сте нашата двигателна сила. Вие сте тие кои не‘ обврзувате многу сериозно да размислуваме за иднината на младите образовани кадри и исклучително внимателно да креираме политики за радикални промени во насока на подобрување на општествената и економската благосостојба на Република Македонија и спречување на одливот на млади „мозоци“ од нашата држава.
Затоа мораме заедно да го градиме ова општество, да делуваме и да правиме избор за тоа каде идејно ќе ја обликуваме иднината, со знаење, квалитет и меѓусебно почитување – порача Јовчески.