Најголемиот ракометен камп “Kирил Лазаров 7” повозбудлив од било кога – Прилепското дуо Соколески и Кузманоски четврта година по ред се дел од тренерскиот состав

Овие денови на самиот брег покрај Охридското езеро, поточно во спортскиот комплекс “АКВАЛИНА”, 4-та година по ред се одржува ракометмиот камп “КИРИЛ ЛАЗАРОВ 7”, кој е под покровителство и организација токму на капитенот и лидерот на Македонската ракометна репрезентација.

Исто како и претходните, така и овoj пат кампот е во 2 смени по 7 денови. Вкупниот број на пријавени кампери оваа година е максимален во однос на сместувачкиот капацитет на комплексот и е исполнет уште од февруари месец, за само 3 седмици од почетокот на пријавувањето.

Вреди да се напомене дека камперите учесници не се само од Македонија, туку има ракометари и од Данска, Романија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Шведска и други…

Секој учесник, кампер пред почетокот има обезбедено детален спортски преглед во клиниките на Д-р Жан Митрев, како и комплетна спортска опрема од реномираниот производител Хумел.

За сите овие учесници селектиран е специјален стручен тим кој работи со истите, како и специјални гости, репрезентативци на Македонија и реномирани тренери за млади категории од Данска и Германија.

Тука е секако и селекторот на македонската младинска репрезентација, Данило Брестовац, а 4-та година по ред на кампот работи и прилепскиот тандем Ице Соколески (кој беше 7 години тренер на РК Прилеп, а во моментов тренер во битолски Еурофарм), како и Горан Кузманоски-Таста, кој е сеуште активен играч, но има и тренерско искуство од романскиот Одорхеј.

Кузманоски во Одорхеј беше играч капитен и асистент тренер, а со овој клуб во 2015 година го освои ЕХФ Челинџ Купот на Европа.

Исто така на кампот покрај тренажниот процес, кој е два пати на ден, вклучен е и специјален фитнес тренер кој работи со камперите и во воведен дел од тренинг, а и индивидуално со одредени групи учесници.

Исто така на кампот се одржуваат и предавања од реномирани универзитетски професори на теми здрава исхрана кај спортисти, суплементација, како и превенција од повреди.

Од организацијата на ракометниот камп “КИРИЛ ЛАЗАРОВ 7” се грижат и за културно забавните активности на камперите и надвор од терените, па така им се организира заедничко патување со брод низ Охридското езеро, прошетка по стариот дел на градот и посета на верските објекти.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.