Со културни настани, концерти и изложби, во македонскиот Ерусалим, Охрид, под мотото „Писмото е нашиот универзум“, годинава за прв пат се одржa дводневна државна манифестација, по повод 24-ти мај, Денот на сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј, основоположници на словенската писменост и култура. Бројни делегации, положија цвеќе пред нивниот споменик во Охрид.
Главниот настан се одржа на Плаошник, каде бил основан и дејствувал првиот словенски универзитет, Свети Климентовиот универзитет.
„Токму на оваа македонска почва Кирил и Методиј ја создале глаголицата, ја создале писменоста, од која понатаму се создава и современата македонска писменост. Овој 24-ти мај – Ден на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј и Ден на сесловенската писменост, го дочекуваме исправени и особено горди, затоа што македонскиот стандарден јазик, нашиот официјален јазик, е признат ѝ е рамноправно прифатен меѓу официјалните јазици во Европската Унија. Нема повеќе внимателни формулации како до пред извесно време, на описно означување на нашиот македонски јазик“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Научната заедница од областите поврзани со македонскиот јазик, литература, култура, фолклор, донесе Декларација за македонскиот јазик. Набројувајќи неколку факти за неговото значење, се вели дека македонскиот јазик бил еден од трите официјални државни јазици на југословенската федерација и оти е составен дел од личната карта на македонската држава и нација во евиденцијата на ОН.
Со Декларацијата, како што се наведува во неа, се потврдува многувековниот просторен и верменски континуитет на македонскиот јазик и неговите дијалекти во групата на словенските јазици, опфаќајќи ја фактографски историјата, стандардизацијата, кодификацијата и иднината на македонскиот јазик. Во Декларцијата се наведува дека македонскиот јазик не може да го попречи никакво негирање.
Декларацијата беше прочитана на свеченото одбележување на 24 Мај кое за првпат на ваков начин беше организирано и одржано на Плаошник во Охрид, а посветено на македонскиот јазик. На свеченоста организана од владата се обрати и премиерот Димитар Ковачевски кој рече дека денешниот ден треба да биде гордост за Македонците бидејќи го дочекуваат со македонскиот јазик прифатен и признат во ЕУ.
Во рамки на одбележувањето на Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, посветен на македонскиот јазик, се одржа и научна панел дискусија насловена „Македонскиот јазик во словенскиот свет” на кој се говореше за историските процеси на диференцирање на македонскиот јазик од другите словенски јазици како посебен по својата лекскика, граматика, дијалектологија, за неговите дејци, но сепак како јазик нераскинлив дел од големото семејство на словенски јазици на кои во денешна Европа говорат повеќе од 300 милиони луѓе.
Клучните пораки испратени од панелот беа дека македонскиот јазик е трезорот на македонското творештво, кој ќе постои додека има луѓе кои ќе го зборуваат и дека неговата иднина е како еден од рамноправните јазици во Европската унија.