Веќе неколку месеци се изведува реконструкцијата на булеварот “Гоце Делчев” во центарот на Прилеп. Пешачките патеки се поплочуваат со нови гранитни плочки, а градежната механизација секојдневно им предизвикува главоболки на возачите кога поминуваат низ центарот на градот.
Наши читатели вчера забележале дефект во водоводната мрежа на веќе реконструираниот дел и ни испратија видео.
Граѓаните секојдневно реагираат на ваквите дефекти за кои на надлежните им се потребни денови за да ги санираат, а пивка вода тече по улиците.
Од ЈКП Водовод Прилеп минатата недела апелираа водата да се користи рационално и дека во функција на водоводната мрежа се ставаат бунарите за да нема недостаток во сите делови на градот.
Но, освен граѓаните, се чини дека на рационалното трошење на водата, сметка треба да водат и од јавното претпријатие и ваквите дефекти веднаш да се санираат насекаде во градот.
Со оглед на цената на водата, во сите вакви случаи кога пивка вода залудно тече по улиците, граѓаните се шегуваат и велат: “Извира нафта од под асфалтот”.