Мицкоски: Тоа што сум го кажал за Mакедонецот Гоце Делчев ниту милиметар не се повлекувам

Од тоа што сум го кажал за Mакедонецот Гоце Делчев, но и за останатите историки ликови, дека тие се наши и дека нема да се преговара за нив, не отстапувам ниту милиметар, рече денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој учествуваше на дебата на Македонската радио телевизија со претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

-Јас во мојот живот се трудам да имам константа кога станува збор за чест или збор. Така ќе биде и овој пат и тука да немате дилема. И тоа што сум го кажал за Mакедонецот Гоце Делчев ниту милиметар нема да се поместам и не само за него, туку и за останатите ликови на кои што оваа држава се темели. Оваа држава има свои јунаци во историјата, врз основа на кои што постои. Ние не можеме да кажеме тие јунаци не се Македонци. Тоа не треба никој, ама баш никој да нема дилема дека ние ќе преговараме дека Гоце не бил ништо друго освен Македонец, истакна Мицкоски.

Во однос на комисијата која преговара со соседна Бугарија за историјата и историските ликови, Мицкоски посочи дека таа постои благодарение на Зоран Заев кој го потпошал договорот за добрососедство.

Тој додаде дека околу 95% од тој договор го испреговарала претходната Влада која беше предводена од ВМРО-ДПМНЕ при што потенцираше дека ние со соседна Бугарија треба да разговараме и соработуваме во делот на културата, образованието, економија, енергетиката.

-Никој не спори за тоа дека ние треба да разговараме и дека треба да соработуваме во делот на културата, во делот на образованието, во делот на економијата, енергетиката. Во делот на енергетиката, кога станува збор за пристапот до природен гас, ние имаме само еден гас кој што влегува од нашиот источен сосед, Бугарија, посочи Мицкоски.

Тој потенцираше дека се што се темели на взаемна почит, мислејќи на релациите со Република Бугарија, ќе го поддржи.

-Ако некој бара од мене, додаде Мицкоски, да биде почитуван логично е дека треба да даде почит и во обратна насока затоа што тоа е двонасочна улица.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.