“Маркови точакџии” станаа инспирација за сите: Христијан и Кире од Прилеп извозија 500км за три дена (Фото галерија)

Членовите на Здружението “Маркови точакџии” изминатиот период се инспирација за сите млади луѓе, но и сите вљубеници во природата и возењето на велосипед.

Изминативе 3 дена двајца од нивните членови, Христијан Мојсоски и Кире Мулоски се впуштија во нова авантура која ја нарекоа “Тур де Егејска Македонија” и извозија околу 500 километри.

Двајцата велосипедисти беа до Солун и Воден, па ни раскажаа како се одвивала нивната најнова авантура.

“Тргнавме во понеделникот на 09.09.2019 во 3 часот и 30 минути по полноќ, се упативме кон Дојран каде и ручавме, од тука околу 12 часот тргнавме за Солун, а таму стигнавме во 5 часот. Вкупно до Солун поминавме 215 километри”, раскажува Христијан Мојсоски.

Инаку Мојсоски заедно со Филип Илиоски кој исто така е дел од “Маркови точакџии”, пред извесен период возea над 800 километри од Прилеп до Истанбул, тура која успешно ја поминаа за 5 дена.

“Вториот ден поуживавме на првата солунска плажа. Третиот ден т.е. денеска 11.09. околу 5:30 часот тргнавме кон Воден каде ги посетивме познатите воденски водопади. Околу 12 часот се упативме кон македонска граница, односно кон Битола, а потоа назад до Прилеп. Тоа беа дополнителни 240 километри, или вкупно околу 500”, додава Мојсоски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.