Македонија изгуби театарска и филмска легенда – почина познатиот Јашар Бег

Почина еден од најистакнатите актери на македонската театарска и филмска сцена, Салетин Билал, а веста за неговата смрт беше објавена на неговиот Фејсбук профил.

Неговиот талент и актерска игра ја препознаваат големи број театарски и филмски режисери за што сведочат огромниот број улоги во театарски претстави и филмови.

Незаборавни се неговите игри во театарските улоги на Себастијан од Дванаесеттата ноќ на Шекспир (1966), Јасон во Медеја од Еврипид (1971), Слугата во Слуга на двајца господари од Карло Голдони (1974), Ахмед Нурудин во Дервишот и смртта од Меша Селимовиќ (1976), Хасан ага во Хасанагиница од Љубомир Симовиќ (1979), Омер во Омер и Мерима од Стефан Пешиќ и Мирослав Беловиќ (1979), Хлестаков во Ревизор од Николај В. Гогољ (1985), Аздак во Кавкаски круг со креда од Бертолт Брехт (1989), Дон Жуан во истоимената драма на Молиер (2000), Мустафа во Писание според расказите на Живко Чинго (2002), Алонсо во Бура од Шекспир (2004)…

Билал играл во повеќето филмови на најпознатите македонски режисери: Најдолгиот пат (1976), Време води (1980), Ангели на отпад (1995), Џипси меџик (1997), Зад непријателските линии, Одмазда и Прашина (2001), преку Илузија (2004), Сенки (2007), Мајки (2010), Трето полувреме (2012), Балканот не е мртов (2013), Херој (2013) и До балчак (2014).

За неговата работа сведочат и улогите во телевизиски серии и драми кои вечно ќе останат запаметени: Волшебното самарче (1975), Итар Пејо (1977), Илинден (1982), Белото Циганче (1984), Солунски патрдии (1986), Тврдокорни (1988-1992),Македонски народни приказни (1994) и уште многу други.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.