Конечно една добра вест за љубителите на ракометот во Прилеп: Прилепчани ќе му се оддолжат на ракометните великани Таста и Лара

Прилепските љубители на ракометот конечно имаат една пријатна вест и моменти за задоволство. Во организација на „ЗС Млади ветерани“ од Прилеп од 31 мај до 2 јуни 2019 година ќе се одржи првиот Меморијален меѓународен ракометен турнир за ветерани „Таста – Лара“ во чест на две големи имиња на прилепскиот ракомет.

Имено, Петар Кузманоски-Таста и Влатко Коруноски-Лара починаа минатата година, а ЗС „Млади ветерани“ во нивна чест организира оригинален турнир за ветерани на отворено, кој секоја година ќе ги собира поранешните големи имиња од Македонија и останатите европски земји.

Организацијата започна неколку месеци пред одржувањето на тридневниот турнир кој ќе се игра на отворено во спортскиот центар “Сонце”, на герфлор подлога и со многу заедничко дружење меѓу ракометарите и ракометните работници.

Кузманоски беше дел од „златната“ генерација на Тутунски комбинат и еден од најзаслужните за подемот на клубот во кој и ја заврши кариерата.

Цела една деценија го носеше дресот на Тутунски комбинат, важеше за еден од најборбените ракометари и подеднакво важен и во одбраната и во нападот.

По завршувањето на кариерата започна тренерска кариера и најнапред со најмладите, а потоа и со ракометарките оствари одлични резултати. По неговите стапки тргна синот Горан Кузманоски, кој настапуваше за националната репрезентација, има зад себе завидна интернационална кариера, а денес го носи дресот на Еурофарм Работник.

Влатко Коруноски беше дел од репрезентацијата на Македонија, беше голем талент и препознатлив беше по специјалитот – гол од „мртов агол“.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.