Поранешниот голгетер на Црвена Ѕвезда и освојувач на “златната копачка”, Дарко Панчев, во интервју за српски “Би-Би-Си”, зборуваше за македонскиот фудбал, за дербито Партизан-Ѕвезда, но направи и една непопуларна споредба на ракометот и фудбалот.
Историскиот успех на ракометниот клуб Вардар кој во три години два пати ја освои титулата во Лигата на шампиони, Панчев го гледа на следниов начин:
“Да споредувате ракомет и фудбал е како да споредите професор од средно училиште во Скопје со Ајнштајн. Па, кој гледа ракомет во Европа? Нашите луѓе се желни за успех – да играме европско финале во куглање и да имаме голема сала, таа би била полна. Но, кога сте виделе во школски двор да се соберат десетина деца и да играат ракомет. Денеска не играат ништо, можеби само фудбал и кошарка”, вели Панчев.
Со свој коментар на неговото интервју се јавија и од навивачката група “Комити”:
“Дарко Панчев…Ниту еден навивач на Вардар ниту вљубеник на бубамарата не може да остане рамнодушен кога ќе го слушне ова славно име. Веројатно најголемото име кое е поврзано со името Вардар. Единствен Македонец носител на Златната копачка, најдобар стрелец во Европа. Титула која неправедно не му беше доделена своевремено, иако чесно ја освои, се до скоро кога таа неправда се исправи. Многу приказни и сеќавања каде сите бевме горди на неговите постигнувања и откако си отиде од Вардар. Дел од првата шампионска генерација на Вардар која во сезоната 1986/87 ја освои единствената шампионска титула во старата држава, оспорена од ФСЈ но признаена од УЕФА… Многу епитети и суперлативи за спортските постигнувања во минатото. А сега? Промовирањето на Срамниот Референдум каде беше не само против ставот на Комити, туку против ставот на Македонците и на погрешната страна на историјата. Девалвирањето на успехот на Ракометниот Клуб Вардар. Зошто човеку, ЗОШТО?”, напишаа од навивачката група “Комити” на Фејсбук.