Колега на Бочварски ќе оди во затвор за Бехтел и Енка

Три години и осум месеци затвор за поранешниот косовски министер бидејќи „ги почастил“ Бехтел и Енка со дополнителни 53 милиони евра. Пал Лекај е осуден за злоупотреба на службената положба и намерно оштетување на државниот буџет бидејќи на американско-турскиот конзорциум кој го изгради автопатот „Арбен Џафери“ им исплатил повеќе од договореното – oбјави “ТВ АЛФА”.

Заедно со него е осуден и поранешниот секретар на Министерството Небих Шатри на една година и осум месеци, директорот за набавки Бесим Тахири на една година и осум месеци затвор и советникот Есет Бериша на 3 години и три месеци. Во своите прелиминарни изјави, сите обвинети се изјаснија за невини.Адвокатите на осудените по одлуката се изјаснија дека ќе се жалат до Апелациониот суд – пишува Коха.

„Коха“ пишува и дека пред неколку години според извештајот на фирмата која го врши надзорот,, паричната обврска во однос на конзорциумот била 14 милиони евра. Но тој извештај поранешниот министер никогаш не го презентирал јавно, а извршната власт сепак одобрила исплата на дополнителни 53 милиони евра на фирмата што го изгради автопатот.

Ова е само еден во низата скандали за кои повеќе домашни и странски медиуми предупредуваат дека се поврзани со „Бехтел и Енка“, компанијата која ќе ги гради коридор 8 и 10д во Македонија. Потпишувањето на договорот беше пропратено со бројни скандали во однос на транспарентноста на постапката, изборот за надзор, цената.

Девет месеци по „фрлањето на лопатите“, „Бехтел и Енка“ се уште не почнале со градба. За сега во тек се гео-механички истражувања за дел од автопатите и експропријацијата. За 2023 година од буџетот беа предвидени 243 милиони евра за американско турскиот конзорциум, а оваа година ќе добијат уште 250.

Овие патишта ќе се прават по принципот „клуч на рака“, односно Бехтел и Енка ќе си изготват физибилити студија, ќе проектираат и целосно ќе го изведат проектот.

ИЗВОР: “АЛФА ТВ”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.