КАКО ПРИЛЕПСКАТА ЕКОНОМИЈА ЈА ТОПИ НЕВРАБОТЕНОСТА?!

BeFunky Collage

Статистичкиот извештај за невработеноста во периодот на 2005 година покажува бројка од 25.033 невработени лица, додека за 2017 година бројката на невработеност изнесува 13.835 или намалена за вкупно 11.198 лица. Намалувањето на невработеноста се должи на мерките превземени од страна на Владата на Р.М. со донесување на годишен Оперативен план на ниво на република кој успешно се спроведува и имплементира во сите општини.

Оперативниот план опфаќа од година на година се повеќе проекти и активности кои се барани на пазарот на трудот и овозможуваат едукација, обуки и вработувања на голем број на невработени лица. Најпопуларен проект е самовработувањето со грант, кој овозможи вработување на 741  лице, со отварање на сопствени фирми и развој на претприемништвото со вработување на дополнителни лица. Исто така на невработените лица им се овозможува и самовработување со кредитирање, што вроди со вработување на 624 лица, а кредитирањето на правните субјекти значеше вработување на 145 лица во фирмите. Проектот обука кај познат работодавач и обука со субвенционирано вработување придонесе да се обучат и вработат над 700  невработени лица. Оперативниот план исто така содржи и обуки за ИТ вештини и странски јазици, преку кои се опфатија над 2.500 лица, на кои им се помогна во нивното идно вработување.

Во 2015 година Владата донесе и Закон за вработување на невработените лица со повеќе целни групи кои се ослободени од плаќање на придонеси од пензиско и социјално осигурување, како и персонален данок. Со овој закон се евидентирани 953 лица на ниво на општина Прилеп. Поради големиот интерес на пријавени вработени лица со овој проект, Владата го донесе и проектот “Македонија вработува – 2, кој важи до 28.06.2017 година, а досега со овој проект се вработени 274 лица.

Намалувањето на невработеноста се должи и на ново отворената странска инвестиција “Гентерм”, каде моментално се вработени 860 лица, а се планираат вкупно околу 2.000 вработувања.

Странскиот инвеститор  во Кавадарци “Дрекселмаер” исто така значеше намалување на  невработеноста во Прилеп, односно донесе 700 вработувања за прилепчани. Странските инвестиции во текстилната индустрија дополнително допридонесоа за намалување на невработеноста. Tука се истакнуваат компанијата “Комфи Ангел” со oколу 1.000 вработувања, како и “Васидора” и “Најс Текстил”. За одбележување е и инвестицијата од прехрамбената индустрија за преработка на овошје, зеленчук и печурки “Бимфуд” која исто така значеше неколку стотини вработувања, како и италијанската компанија “Бузи-бузи”.

Поволната бизнис клима и помошта од државата значеше и зголемување на економскиот раст на прилепските локални фирми, кои постојано го зголемуваат бројот на вработени. Тука се истакнуваат компаниите: “Прилепска Пиварница”, “Витаминка”, “ДЕ-НИ мебел”, “Конфекција Кули”, “Стара Фурна”, “Жито Прилеп”, “Тритекс  трикотажа”, печатница “Аце-Тони”, печатница “Гинис”, “Футура”, “Теракота”, “Леов”, “Кабелнет”, “Тила”, “Мотоцентар” “Гатекс”, како и голем број други мали претпријатија и семејни бизниси  кои ги почувствуваа поволностите од поволната бизнис клима и поволното економско опкружување.

Во нашата општина најавени се уште две странски инвестиции, кои би акумулирале уште минимум од 1.500 до 2.000 вработувања.

Бројките и податоците се јавни и достапни во Агенцијата за вработување во Прилеп.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.