Итроштината со која Крал Марко ја бранел тврдината над Прилеп, а Турците се плашеле да нападнат

Тврдината на Маркови Кули сé до загинувањето на Крал Марко во 1395 г. била постојано оддржувана и обновувана зависно од владетелите на овој дел од Македонија, односно со стариот град Прилеп.

Имајќи ги предвид почетоците на нејзината традиција кои и со археолошките истражувања се потврдени уште во периодот на големата македонска империја во антиката, во т.н. хеленизам (македонизам), тврдината од период во период била постојано актуелна. За сите тие векови таа доживеала голем број напади и освојувања од разни владетели кои со своите силни војски го заземале овој простор.

Тешко се најдуваат одговори на прашањата за античките освојувања. Но, не е тешко да се претпостави дека Прилеп и во тоа време бил изложен на постојани напади на различни организирани војски и наезди на разни племиња кои доаѓале од север во постојани грабежи на развиената македонска држава, поради стратешкото место на античкиот град.

Опасни напади вршеле Дарданците кои живееле некаде на просторот на Косово. Според историчарите и археолозите, напад се случил за време на македонскиот цар Филип 5. Во нападите од римските војски, содејствувале и Дарданците и Илирите со намера да навлезат од север.

Овие сојузници навлегле преку превојот кај селото Дебреште каде имало силно утврдување со населба. При тоа била напаѓања и тврдината над Варош.

Познато дека Прилеп односно Варош е освоен од Римјаните во 170 г. пр. н.е. Утврдувањето доживеало многу силни напади и во првите векови на минатото илјадалетие кога било повеќепати освојувано од разни владетели меѓу кои византиски, бугарски, српски и други кои често се менувале едни со други во кратки периоди.

Големиот број освојувања и напади на Прилеп се причина за народни преданија кои говорат за таквите деструктивни настани. Едно од нив е поврзано со паѓањето на Кралот Марко и на неговата престолнина и државата.

Имено и по паѓањето на Кралот Марко, според преданието, Прилеп не се предал без борба.

Тоа говори за заминувањето на Марко со итроштина од тврдината во друг свет по измислувањето на барутот и пушката кога можноста за јунаштво во праведен мегдан паѓа во вода.

Напуштајќи го Прилеп, Марко оставил на тврдината тапани да тропаат на ветар со што турските освојувачи не се осудувале да влезат.Тоа го пренесува и Марко Цепенков:

,, Откоа си ошол Марко од Прилеп, тапаните се си буале на ветар, дури не му кажала една ѓаолцка баба на Турците, оти Марко бил побегнат и тапаните буале на ветар. Коа ошле Турците вистина ги нашле тапаните курдисани на ветар,,.

Мистиката нао преданијата тера на размислување. Преданието со тапаните на Маркови Кули на некој начин е блиско со преданието за Крклари кое говори за договорот на 40 турски јунаци да го убијат Кралот Марко, но многу повеќе со преданието за страшната клетва за разурнувањето на тврдината изречена од една баба, која ги лулала децата на мајките кои учествувале во градењето за време на кралувањето на Марко.

Сите тие во себе кријат набој од содржини кои се напластиле една на друга низ времињата на активно живеење во тврдината и во населбата околу неа.

Според историските факти, тврдината по паѓањето на Кралот Марко во 1395 г., почнала да се пусти како што е речено во споменатата клетва. Со доаѓањето на овој простор, Турците почнале се населувале покрај Оревоечка Река каде што никнале првите куќи на градот.

Така се загубило значењето на стариот град, а со него и силната тврдина на Марковите Кули. Практично, просторот слабее и го губи стратегиското значење. Тврдината била користена од Турците за одредени споредни намени уште извесно време.

Околу 17 век престанале активностите во неа. Познатиот турски патописец Евлија Челебија во 1670 г. забележал.

,,Тврдината е далеку од градот на еден гол и каменит врв. Има шестоаголна форма. Таа е тешко пристапна. Силна. Внатре има три куќи со само еден надзорник. Никој друг не живее. Амбарите се полни со просо уште од преземањето,,.

По времето за кое пишува Евлија Челебија почнал период на разградување при што голем дел од градежниот материјал бил разграбан за градба на куќи за живеење и други градби.

Извор: “Неделник ЗЕНИТ”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.