Историја: Еве како Св. Никола стана заштитник и патрон на Прилеп

Поранешниот градоначалник на општина Прилеп, Марјан Ристески раскажува како ПРИЛЕП ГО ДОБИ ПАТРОНОТ НА ГРАДОТ СВ.НИКОЛА:

Во не толку далечната 2006 година при посетата на Општина Прилеп (старите бараки) на Митрополитот Преспанско/Пелагониски и Австралиско/Новозеландски г-н Петар, во мое присуство како Градоначалник, заедно со намесникот од Прилеп покојниот протоереј-ставрофор Блаже Станкоски, тогашниот актуелен Претседател на Совет Диме Стевананџија и неколку вработени во Општината се разговараше за започнување на изградба на црквата “Св.Петка” и уште неколку цркви во градот и на територијата на Општина Прилеп (кои подоцна сите се изградија).

На таа средба во мојот работен кабинет, некако спонтано произлезе идејата Прилеп да има свој патрон заштитник-Светец.

Во тој момент Владиката Петар, паметам, му се обрати на сега покојниот намесник
Блаже со зборовите: “Види Блаже во тефтерот која е најголема слава во градот?”

Тогаш Блаже и сите останати едногласно потврдивме: СВЕТИ НИКОЛА е најголемата слава во градот под Марковите Кули, кога секоја втора фамилија слави, а другите одат на гости, едноставно целиот град празнува‼️

И тогаш одлуката беше јасна: СВЕТИ НИКОЛА ДА БИДЕ ЗАШТИТНИК СВЕТЕЦ НА ГРАДОТ ПРИЛЕП, А ОВОЈ ГОЛЕМ ДЕН ПАТРОН ПРАЗНИК‼️

После донесената Одлука, Директорот на ЈП ПУП – Бранко Нешкоски доби задолжение за изготвување идејно решение за ПАРАКЛИС во центарот на градот во чест на Св.Никола.

Со голем број донации од фирмите и еснафот на градот, експресно се изгради параклисот во близина на раскрсницата до новата Општинска зграда, кој стана симбол на патронот на град Прилеп, а ликот на Свети Никола се изгравира на автентичен бел прилепски мермер.

На 19.12.2006 година, на големиот ден Свети Никола, на седница на Советот на Општина Прилеп, на предлог на МПЦ- Преспанско пелагониска епархија и Градоначалник на Општина Прилеп, Св.Никола ЕДНОГЛАСНО и со воодушевување од сите советници, беше и официјално прогласен за заштитник светец и патрон празник на град Прилеп‼️

На првото официјално одбележување на овој голем ден на градот покрај покровителот-Општина Прилеп, улогата на домаќин на празникот Св.Никола беше доделена на Пере Макески сопственик на градежната фирма-Прилепец која и официјално го празнуваше Св.Никола како свој патрон/слава…

И еве, од тогаш наваму, 17 години достојно се празнува овој голем празник на градот, со Божествена литургија која се одржува во црквата “Св.
Благовештение”, со Литија до параклисот во чест на Св.Никола во центарот на градот, а потоа со богослужба и посна трпеза за сите граѓани, проследено со богата културно-уметничка програма.

Со овој историски чин:

-Прилеп прв пат во историјата доби заштиник светец.

-По примерот на Прилеп и другите градови во Македонија наредните години прогласија свој заштитник светец.

-На овој празник, прв пат град од Македонија беше запишан во ГИНИС, со
80 191 посни сарми, кој рекорд сè уште не е срушен.

-На овој ден општествено одговорните фирми со гордост се пријавуваат за домаќини на овој празник, ден кога се сплотува целиот град примајќи гости од секаде.

Свети Никола- заштитникот на сиромасите, болните, децата, морепловците…бдее и го штити градот сите овие години‼️

Нека е за многу години! Честит и вековит да е “Св.Никола”-патронот и заштитник на Прилеп!

Честита слава и среќни имендени на сите славеници!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.