Интервју со учениците од СОУ “Ѓорче Петров” кои преку “Еразмус плус” програмата стекнаа богати искуства во Шпанија

Ученици од СОУ „Ѓорче Петров“ од Прилеп благодарение на програмата „Еразмус плус“ која што е програма од Националната агенција за образовни програми и Мобилност која во Македонија е под покровителство на Владата, 18 дена престојуваа во Шпанија каде ги надоградуваа своите знаења и се стекнуваа со нови вештини. Ваквите проекти се создадени за учениците да ги развијат и покажат вештините и знаењата добиени во текот на наставата, да ги надоградат јазичните познавања, да видат друга култура и начин на живот, да се дружат,  осамостојуваат и да создадат нови пријателства. Освен учениците во Шпанија присуствувале и професорките Билјана Рошкоска, Антигона Димоска и Соња Николоска кои давајќи им насоки на учениците им помагале во нивната работна пракса.

17619292_10210747156346686_255218060_n

Koстадин Петкоски:

“Во овој проект учествувавме 19 ученици. За да се стане дел од проектот најпрво се пополнува апликација и поднесување на CV со лични податоци. Апликациите ги поднесувавме кај професорката која беше координатор на проектот. По кратко време не повикаа на интервју на кое присуствувавме сите кои имавме поднесено апликации.

Интервјуто имаше прашања од типот : Зошто сме заинтересирани за овој проект, каков е нашиот успех и кои се нашите амбиции. Успехот беше главен услов за учество во овој проект.

Проектот е организиран и финансиран од страна на Европската Унија. За проектот во Шпанија беа пријавени вкупно 54 ученици, а избрани бевме 19.

Во текот на тие 18 дена колку што траеше проектот, сместени бевме во Мадрид, поконкретно во населбата Лас Росас која е оддалечена 15 километри од центарот на Мадрид.  Во непосредна близина беше и старскиот дом, нашето работно место”.

17690489_10210747160706795_1467238601_n

 

Марија Марковска:

“Преку проектот стекнавме многу големо искуство. Научивме многу работи, бидеќи дел од нас како ученици од втора година во медицинското училиште, насока медицински сестри, во досегашното образование сме немале пракса во градската болница. Присуствувавме на преврски на рани, научивме да ставаме инјекции и многу други работи кои до сега ги немаме правено. Овој проект сигурно ќе ни помогне за подобро да ги совладуваме и теоретските часови. Сега, по завршување на проектот ги споделуваме нашите искуства од она што го научивме таму и учестуваме во повеќе активности, меѓу кои и проектот “Супер Марио”.

Праксата се одвиваше во две групи, едната група одеше претпладне а другата попладне и во еден работен ден имавме по 4 работни часа”.

17690761_10210747153666619_1712194383_n

Круме Талески

“Целта на проектот во Шпанија беше унапредување на знаењата на учениците. Таму запознавме многу нови работи и условите се далеку подобри, секако и во Македонија условите се повеќе се подобруваат.

Во центарот за рехабилитација на стари лица работевме многу работи. Најпрво им делевме храна на старите лица, а на некои од нив им помагавме при исхраната. Учениците физиотерапевти, им помагаа на штитениците при движење и им ги вклучуваа апаратите.

По завршување на проектот учествуваме во голем број на активнсти, го посетуваме старскиот дом во Прилеп, учествуваме во проектот “Супер Марио”, пружаме помош на стари лица во нивните домови”.

Анастасија Јованоска

“На проектот во Шпанија стекнавме многу големо искуство, но она што не изненади е тоа дека таму немаше толку голема опременост со апарати како овде. Меѓутоа, за мене како физиoтерапевт, посебен впечаток ми остави тоа што пациентите таму не добиваа масажи од вработените, туку ги поврзуваа со посебни апарати кои им помагаат.

Нашата пракса како физиотерапевти, освен што им помагавме при движење на пациентите, се состоеше и во делење на храна и учество во окупациона терапија.

Првите неколку денови од проектот имавме ментори кои не насочуваа во работата, а потоа продолживме сами”.

17690342_10210747160626793_1052216385_n

Марија Момироска

“Проектот на Еразмус многу ќе ни помогне во иднина, бидеќи ние како ученици од втора година сеуште немаме пракса во редовната настава. Ова беше посебно искуство за мене, затоа што прв пат пристапував на ваков начин кон пациенти и им помагав.

Во Шпанија стекнавме многу знаења и вештини за кои се надевам дека ќе можам и овде да ги применам.

Целта на проектот беше да се стекнат нови знаења, да се разменат искуства и секако, дружењето на учениците”.

17690727_10210747153706620_931097671_n

Јасмина Димоска

“Работната пракса во Шпанија беше многу големо искуство и се надевам дека ќе можам да можам да ги применам стекнатите вештини.

По завршувањето на работната пракса во Шпанија и проектот на Еразмус, добивме меѓународно признати сертификати. Сертификатите ги добивме во Опшина Прилеп, односно ни ги додели градоначалникот Марјан Ристески. Тие се всушност резултатот на завршениот проект и сметам дека ќе ни помогнат за вработување по завршување на образованието”.

Дарио Стојаноски

“Проектот во кој учествувавме е ново и неповторливо искуство за сите нас. Стекнавме нови знаења кои ќе можеме да ги примениме во иднина, а дружењето и местата кои ги посетивме секогаш ќе ни будат убави спомени.

Можеби најголемата придобивка од овој проект е стекнатата работна навика. Менторите не упатија во работата првите денови, а потоа бевме оставени да работиме сами”.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.