Светлана Зуламовска Гроздановска е долги години фризер и шминкер во Кривогаштани. Долги години успешно ја работи својата работа, ги исполнува желбите за убав изглед на своите муштерии и секогаш предизвикува насмевки и пријатно чувство. Од поново време нејзино хоби е да изработува ликови од коса.
И тоа не било какви ликови, туку ликови на познатите пејачи, спортисти, уметници… Нејзините дела изгледаат толку реалистично и живо, што чиниш можат да прозборат.
Нејзиниот салон во кој работи заедно со својата сестра доби дополнителна популарност, а познатите се воодушевени од тоа како изгледаат нивните ликови изработени со коса.
За нејзините перфектно изработени портрети од коса пишува и јапонското издание на “РОЈТЕРС”, па сега целиот свет ќе дознае за нејзиниот талент и умешност.
“Фризерка од Македонија изработува портрети на познати личности на под од косата која ja добива од потстрижување. Светлана е фризерка од Кривогаштани, кое се наоѓа на 150 километри јужно од главниот град Скопје. Таа освен Новак Ѓоковиќ досега ги има насликано и пејачите Лени Кравиц, Еминем, Ријана и фудбалерот Лионел Меси”, пишуваат од Ројтерс.
Во интервју за Маркукуле Светлана рече:
“Работам како фризер и шминкер 27 години во Кривогаштани каде и живеам. Тоа е наш семеен бизнис, затоа што работиме заедно со мојата сестра. Го работам своето хоби, а инаку по професија сум сообраќаен инженер. Се заработува солидно ако си вреден и ако тоа што го работиш пред се’ го сакаш. Tреба да си амбициозен за да опстанеш толку долго време. Клиенти имаме од сите околни населени места и сме задоволни.
Нашава работа на некој начин е и уметност. Постојат бербери уметници, кои со својот алат со кој работат цртаат ликови на главите на своите клиенти.
Од ваквата уметност сум секогаш фасцинирана, а од таму дојде и идејата за ова што го правам. Сама смислив да иситнам коса и на подот од мојот салон да направам нешто слично. Го направив ликот на Новак Ѓоковиќ, го фотографирав, го споделив на социјалните мрежи, и така започна хобито со ликовите”.