Заев: Само Грција има право да коментира дали се зборува македонски јазик кај нив

Право на Грција е да коментира дали нашинците таму зборуваат на македонски јазик, а ние треба да внимаваме за да не предизвикаме незгодни ситуации. Премиерот Зоран Заев вели дека нашиот јазик е македонски и го користат сите граѓани во земјата и во дијаспората, но во духот на пријателството и стратешкото партнерство, на јужниот сосед треба да му се остави да ги поставува работите околу тоа каков јазик користи населението во Северна Грција. На конкретното прашање: Дали е проблем да се каже дека се зборува македонски таму – одговара;

– Тоа е право на Грција, тоа треба тие да го коментираат. Со наше невнимание би можеле да предизвикаме незгодни ситуации поради тоа што имаме јасен и прецизен договор, што ние политичарите треба да веруваме во него и внимателно да го имплементираме, а после тоа и граѓаните на двете земји, така што оставам тоа Грција да си го коментира, тие си имаат свој начин на поставување на работите, ние ги почитуваме, тие се наш стратешки партнер – смета Заев.

Премиерот вели и дека министерот за надворешни работи Никола Димитров го објаснувал истото, воден од желбата за добрососедство и градење пријателство со Грција. За потсетување, грчката министерка за надворешни работи при посетата на граничниот премин Маркова Нога, ја потенцираше изјавата на Димитров според која тој разјаснил дека согласно членот 7 и духот на Преспанскиот договор македонскиот јазик кој го говорат граѓаните на Македонија и неговите дијалекти немаат никаква врска со идиомите што ги говорат грчките Македонци. Само неколку дена претходно Димитров во интервју за телевизијата СКАЈ истакна дека македонското малцинство е грчка работа и дека со Преспанскиот Договор Скопје е обврзано да не се меша во внатрешните политики на Атина.

Портпаролот на владата Миле Бошњаковски пак, објаснувајќи ја изјавата на Димитров рече дека шефот на дипломатијата мислел на оние луѓе кои зборуваат на грчки јазик а се чувствуваат како Македонци, додавајќи дека Владата нема право да детерминира кој на каков јазик ќе зборува бидејќи тоа ќе биде мешање во внатрешни работи на друга држава.

На сето ова експертската јавност реагираше бурно, прашувајќи зошто стигнавме од состојба на гарантиран македонски јазик и идентитет каков што тврдеа дека ќе биде владините функционери, до тоа истите луѓе да бегаат и да не сакаат да го именуваат говорот, стандардизиран уште пред седумдесет години, на кој зборуваат роднините на Егејците во северниот дел од Грција.

Извор: infomax.mk




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.