Ексклузивно од Брисел за маркукуле.мк, интервју со Бобан Нонковиќ

Бобан Нонковиќ е дописник за Македонска Информативна Агенција (МИА) од Брисел. Тој е човекот кој секојдневно ја информира македонската јавност за случувањата во Европската Унија и одблиску на најрелевантен начин ги пренесува вистинските информации до нас. Покарај професијата која несомнено ја извршува онака како што доликува на еден новинар од врвен ранг, Бобан е и голем патриот и поборник за македонска правда, човек кој се бори и лобира директно пред институциите на ЕУ за Македонија и македонскиот народ. Со задоволство ја прифати нашата покана за интервју и не опсипа со информации од прва рака за најновите случувања во врска со бегалската криза и плановите за справување со истата.
Здраво Бобан, најпрво ни претставува особена чест што ја прифати нашата покана да одговориш на нашите прашања.

Моја е честа и задоволството, иако морам да кажам дека секогаш ми е чудно кога некој ме интервјуира, бидејќи сум научен тоа јас да го правам (ха,ха,ха).

За почеток, како започнува новинарската кариера на Бобан Нонковиќ, кои скалила ги изоде за да дојдеш до вакво врвно ниво на новинар и известувач за состојбите од Европската Унија?

Иако наскоро ќе наполнам 34 години, можам да се пофалам со 16-годишна новинарска кариера и голем број на бели влакна на косата и брадата како резултат на стресот што го подарува оваа професија. За разлика од т.н. “свети крави” и повластени новинари што ни ги дари комунистичкото едноумие во Македонија, мене животот не ме милувал и сам си ја градев сопствената кариера. Со цел финансиски да и помогнам на мајка ми и себе си, на неполни 18 години се одлучив да го искористам талентот за пишување, па се пријавив на конкурс, по што бев тестиран и веднаш започнав да работам како спортски новинар во единствениот македонски спортски весник “Македонски спорт”. Отсекогаш сум изгледал и сум се однесувал како постар, а и во тоа време пуштав брада со цел да не приметат колку сум млад. Моите уредници, пак, ниту првата година во “Македонски спорт”, ниту следната година во “Утрински весник” не се досетија да ме прашаат колку години имам (ха,ха,ха). Во исто време, Четврта година средно училиште (гимназија), поради работните обврски, морав да ја завршам вонредно, како и подоцна Факултетот за новинарство.
Па, така, откако веќе се етаблирав како спортски новинар во претходните два весника, во 2001 година преминав во стариот “Вечер” кој тогаш се уште беше во НИП “Нова Македонија”. Во “Вечер” ја дочекав и транзицијата на овој весник, кој од државни премина во приватни раце, за во 2005 година да станам дел од, како што некои велат – најдобрата екипа на неделникот “Фокус”. Цели пет години соработував, но и учев од, за мене новинарски величини како Зоран Димитровски-Жоро, Мирка Велиновска, Дарко Јаневски и Блаже Миневски.
Правевме рекордни тиражи на неделник во време кога сите весници почнеа стрмоглаво да паѓаат со продажбата, а во тој период и започнав да пишувам за теми со криминали, убиства, политика, економија, со еден збор, покрај најдобрите се реширија и моите видици и делокруг на работа. Но, тогаш во 2010 година, од нему познати причини, тогашниот сопственик Никола Младенов одлучи да го смени тимот, па за првпат по долго време останав без работа, со невработена сопруга и тригодишно дете. Поради тоа, иако самиот не сакав тоа да го направам, шест месеци работев во весникот “Време” во надворешно-политичката рубрика. Бев еден од ретките што иако не добивав многу, сепак целата плата во весникот на Велија Рамкоски ја добивав на банкарска сметка, а не на рака.
Пред крајот на 2010 година преминав во новоформираниот неделен политички весник “Публика” што секоја година излегуваше во рамки на дневниот весник “Дневник”. Со “Публика” растуривме, па како резултат на одличната рабтоа на целиот тим во тој весник, тогашниот уредник на “Публика”, Зоран Димитровски, стана главен уредник на “Дневник”, Ивана Костовска стана негов заменик, а јас станав уредник на “Публика”. Иако овој весник продолжи да биде хит на венсикарскито пазар, кога за првпат се наметнав и со свои воведни колумни што се однесуваа на политичката состојба во Македонија, под чуден притисок од тогашните газди на МПМ-групацијата и пред се Срѓан Керим, скандалозно беше укинат еден број на весникот што се занимаваше со критика на “вредностите” на Европската унија. Тоа за мене беше недозволиво, па си поднесов оставка на функцијата уредник и се пријавив на огласот за дописник од Брисел на МИА.
Во април 2012 година бев примен во МИА и потоа избран за дописник, по што еден месец подоцна, пристигнав во европската престолнина и оттогаш еве веќе три години се борам со ѕверот, живеејќи во неговиот стомак (ха,ха,ха).

После медиумскиот мрак кој постоеше едно долго време и добивањето на нерелевантни информации од Брисел, македонската публика конечно има човек кој на најсликовит и на нај реален начин ги пренесува информациите од ЕУ за Македонија. Какво е чувството да се биде на браникот на вистината и да се има улогата на број еден човек задолжен за оваа работа?

Нема ден, а јас да не наметнам да се мисли и работи во Европската унија и во НАТО на Македонија, која и покрај богатата историја, изминатото столетие била жртва токму на сегашната позиција, а тоа е да биде на менито, наместо на масата со големите западни сили. И покрај силните опструкции, закани и сопки што ги добивам, продолжувам секојдневно во настојувањето да ја одржам Македонија како тема во ЕУ и НАТО, да го растурам грчко-бугарското секојдневно негирање на се што е македонско во овие институции и нивниот обид за фалсификување на постоењето на македонска нација, јазик и историја. Можеби сето ова е далеку од новинарска работа, но, јас како Македонец чувствувам обврска кон денешните и идните генерации, но и најмногу кон оние кои пред нас пролеале крв за денес да имаме своја држава – да не дозволам некој да си игра со македонското достоинство.
Да се биде Македонец е чест, но и обврска да не се дозволи некои идни генерации повеќе да не бидат тоа што биле Каран, Филип и Александар, Самоил, Гоце, Питу, Ченто…,а тоа е Македонци.
Инаку, мојот начин на новинарска работа е многу едноставен, а тоа е да се пренесе пред се вистината, па се останато. Тоа придонесе од Брисел да почнат да пристигнуваат далеку пореални информации за ЕУ и НАТО и за Македонија во рамки на овие институции. Плус, јас како вработен во Македонската Информативна Агенција (МИА), која е во државна сопственост, својата плата ја добивам од македонските граѓани што плаќаат данок и кон истите имам завет, но и обврска, да им го пренесам вистинското, без притоа да подлегнам на солените понуди од некои центри, за полагоден живот и полна каса, но работа против македонското држава. Додека дишам, јас ќе работам само и единствено во интересите на Македонија и на македонскиот народ. Тоа е далеку помала жртва во однос на оние стотици илјади Македонци што низ историјата ги дале своите животи за ние Македонците да имаме своја држава.

Како функционира животот во Брисел, во што се разликува од другите европски метрополи, дали е лесно да се живее и работи во престолнината на Европската Унија?

Единствената убавина на Брисел, според мене е тоа што е на помалку од два часа возење до Амстердам и околу три часа од Париз (ха,ха,ха). Навистина, мене не ми остава некој впечаток оваа т.н. европска престолнина, која нема динамика на живот, богата архитектура и колоритност како градовите што ги споменав. Да не беше домаќин на институциите на Европската унија и на НАТО, Брисел, а и Белгија, со лошата економска ситуација и затворањето на голем број на фабрики и работни единици – досега Брисел ќе беше Софија или Букурешт, односно ќе имаше само богата историја. Единствено што ме држи тука е борбата за Македонија и промоција на македонската државност, нација, историја и наследство во рамки на сите пори на западното општество и пред се во институциите на ЕУ (Европска комисија, совет и парламент), како и во Северната Алијанса.

Европската Унија се соочува со еден голем предизвик, а тоа е бегалската криза и затворени граници. Според тебе дали е ова навраќање на минатото и поделба на Европа или Европската Унија започнува со градење на стратегија за решавање на бегалската криза?

Бегалската криза е најголемиот тест за издржливоста на Европската унија. Засега, Брисел се покажа целосно неподготвен за справување со овој наплив на емигранти и бегалци, иако истите подолг период, но не во толкав број, веќе пристигнуваа на европско тло изминатите три години од земји како Либија, Авганистан, Ирак и Сирија, а каде Германија, Франција, Италија и САД донесоа “демократија”, насилно симнувајќи ги од власт “диктаторите” Садам Хусеин и Моамер Ел-Гадафи, како и се уште неуспешниот обид тоа да се стори и со Башар Ал-Асад. Единствено што како стратегија успеаја меѓусебно да договорат ЕУ-земјите е да си прераспроделат 120 илјади бегалци, иако досега над половина милиони емигранти се пристигнати на “стариот континент”. Бегалската криза, исто така покажа дека соживотот во рамки на ЕУ бил лажен, бидејќи под овој притисок, 28-те земји-членки одеднаш станаа најголеми непријатели, започнаа да градат железни ѕидови и огради меѓу себе, суспендирано е слободното движење во рамки на Унијата со воведување гранични контроли и урната е Шенген-зоната. ЕУ навистина наликува на СФР Југославија во 1989-1990 година. А, знаеме што се случи на југословенските простори и како заврши дисолуцијата на оваа држава!

Дали онаа најавена финансиска помош за Република Македонија ќе значи бегалски логори во нашата држава, она од што се плашат сите тука?

Македонија ќе добие околу 30-32 милиони евра помош од Брисел за справување со бегалската криза, од кои најголемиот дел се со прераспределба на дел од средствата од Инструментот за предпристапната помош (ИПА) наменети за други потреби. Со овие пари, нашата земја не може да покрие ниту четвртина од трошоците во справувањето со овој сериозен проблем. За создавање, пак, на како што велите “бегалски логори”, најверојатно сличен на оној во кампот Стенковец во 1999 година кога Македонија прими 300.000 бегалци од Косово и Метохија, потребни се стотици милиони евра, а не 30-тина милиони евра. Од такво нешто ќе треба да се плашиме ако се оствари она што во чудна состојба го кажа претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер пред некој ден кога јавно изјави дека ЕУ ќе и додели 700 милиони евра (!) на Македонија, а некој час подоцна, под уште почудни околности да каже дека Унијата ќе додели 700 милијарди евра (!) за нашата земја. Е во таков случај ќе мораме да бидеме подготвени за бегалски кампови по примерот на Стенковец од 1999 година. За среќа, ден подоцна од изјавите на Јункер, Брисел го вадеше својот прв човек и кажа дека се работи за помош од 17 милиони евра што Македонија и Србија ќе ги поделат.
Но, она што треба да не плаши се податоците што ги обзнани унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, кој рече дека се очекува 30 до 35 милиони бегалци од Арапскиот свет допрва да пристигнат во Европа. Во тој случај, а со веќе грогираната Европска унија, сите во Европа, вклучително и Македонија, ќе мора да отворат прифатни центри и да примаат по десетици и стотици илјади од тие несреќни луѓе. А, дека отворање на т.н. “жешки точки” за прием и сместување на бегалци е можно да има и во Македонија и Србаиј, освен веќе предвидените во Грција и Италија, говори и тоа што на 8 октомври е закажана Балканска конференција за мигрантската рута во Луксембург, на која министрите за внатрешни работи на земјите-членки на ЕУ ќе разговараат со своите колеги од Македонија, Србија и другите балкански земји, плус шефовите на дипломатиите на земјите од Западен Балкан. Официјално не се наведува, па дури и Брисел негира, но јас мислам дека на оваа конференција ќе се турка и идејата за “жешки точки” на Балканот што во идина може да станат и кампови.

Дали ЕУ полека добива ново име Германија, односно дали Германија е државата која го држи диригентското стапче и сите останати членки ја следат нејзината мелодија?

Европската унија е Германија, односно Германија е Европската унија. Сепак, како држава со 203 американски воени бази на својата територија, што ќе рече воено-окупирана земја каде од канцеларот до последниот пратеник во Бундестагот се под присмотра на американската НСА, германската политика и држава се управуваат од Соединетите американски држави. Аналогно на тоа, ЕУ не е ништо друго освен дрвен Пинокио чии конци ги влече американски Џепето. Сум присуствувал на повеќе од десет Самити на Европскиот совет, каде што заседаваат шефовите на државите и владите на 28-те земји-членки на Европската унија и секогаш сум сведок на 27 ученичиња што чекаат класната, а тоа е Ангела Меркел, да има каже што и како (ќе) се случува, ќе им подели домашни задачи и потоа сите заминуваат во своите земји. А, погоре појаснив кој, пак и кажува на фрау Меркел што и како да се прави во името и за сметка на 508 милиони жители на Европската унија.

Какви реакции постојат во Брисел после политичката криза во Македонија и склучениот договор во Пржино? Дали Македонија би можела да се надева на нов позитивен извештај од Европската Комисија, доколку овој договор се спроведува?

Република Македонија ќе добие позитивен извештај, седми по ред од Европската комисија, дека ги исполнува сите услови да ги отвори преговорите за членство во Европската унија. И покрај макотрпната работа на криминалната банда на удбашот Зоран Верушевски со дел од вработените во МВР, на Зоран Заев, Шеќеринска и останатите од анти-македонската политичка партија СДСМ, помогнати од грчки разузнавачки структури и олигарси кои истурија пари во нивниот проект за дестаблизирање и растурање на македонската држава – Македонија остана на нозе! Договорот од скопската населба Црниче, а не Пржино (ние скопјаните добро знаеме кои се населбите во нашиот град, ама некој сакаше да му даде име на договорот што ќе пржи), ја порази и понижи македонската држава и нејзиниот Устав. Сепак, доклку не дојдеше до договор, можно беше грчките разузнавачки структури и нивните олигарси, преку српската организација за организирање државни удари Канвас, да направат уште еден посериозен обид со Заев и неговото друштво да ја урнат македонската држава и да ги запалат институциите.
Сега во Брисел сите надежи се насочени кон успешно спроведување на политичкиот договор, според одредениот тајминг, а како награда, најпрво во средината на идниот месец Еврокомисијата ќе даде седма последователна препорака за отворање на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, а потоа, ако се се одвива според зацртаното во договорот од Црниче, заклучно со успешни избори во април 2016 година, можно е на јунскиот Самит на Европскиот совет идната година Грција да биде притисната и да не успее да стави уште една блокада, па Македонија да ги почне преговорите за членство во Унијата.

На социјалните мрежи постојано следиме пофалби кон вас и работата која ја вршите. Колку ви годат пофалбите од домашните граѓани и што значи тоа за еден новинар и неговата кариера?

Навистина ме фалат? Јас, пак не можам да си го исчистам “инбоксот” на Facebook од навреди и закани (ха,ха,ха). Ние новинарите сме суетни луѓе, си држиме до себе и сакаме и уживаме во пофалби. Кој ќе ви каже поинаку, тој ве лаже. Инаку, во западните земји, па и во Белгија каде живеам веќе три години, популарноста и пофалбите се претвораат во многу пари и богатство, додека кај нас, освен ако не си “залепен” за некој олигарх или не си полициски кодош, тогаш пофалбите ти носат духовно богатство, ти ја полнат душата, не и џебот. Јас не сум материјално обезбеден, што ќе рече не сум нималку богат, но затоа се сметам за милијардер со тоа што го имам своето семејство и поддршката од македонските граѓани што како и јас си ја сакааат и почитуваат Македонија и се горди на своето македонско потекло.

Бобан Нонковиќ, кој е патот до успехот според вас?

Патот до успехот велат дека е послан со розе и трње, па јас велам дека секој што ќе оди по него не треба да е опиен од мирисот оти ќе се избоцка на трњето. Како и да е, не се сметам себе си за успешен, а ако почнам да мислам за себе како за таков, тогаш тоа е чекор кон бездната и најбрз пат кон пропаст. Со оглед на тоа што 16 години сум во новинарската професија и некако сум успеал да се издвојам од останатите, станувајќи забележителен за јавноста, за тоа треба пеколна работа, долга километража во професијата, трпение и чесност кон консументите, што во случајот со нашата новинарска работа се македонските граѓани. Често со мојот колега и пријател Миленко Неделковски, разговараме и се согласуваме дека за да бидеш колку-толку успешен во новинарската професија, посебно во Македонија каде луѓето се и со тоа како изострени сетила за да препознаат кој ги лаже, а кој не – тогаш треба само да ја кажуваш и пренесуваш вистината… макар некогаш и да боли.

Што би им порачале на читателите на markukule.mk и вашите редовни читатели од Пелагонискиот регион?

Иако сум роден скопјанец, а и мајка ми и татко ми се од главниот град, сепак јас не сум толкав локал-патриот, па иако си го сакам Скопје токму Пелагонискиот регион ми е омилен. Со Битола ме врзуваат илјадниците пријатели и часови и часови дружење и седенки на Широк сокак, додека со Прилеп, ретко тоа некој го знае, ме врзува крвно сродство. Имено, јас сум Нонковиќ поради тоа што баба ми Марија, родена во село Жагровиќ (Далмација, Хрватска) му го дала своето презиме на својот син, а мојот татко Љупчо. Тоа го сторила бидејќи кога татко ми имал една година, баба ми и него ги напуштил неговиот татко, кој потоа никогаш повеќе не сакал да го види својот син. Таа личност, кој мене ми е дедо се вика Кирил Трајчески – Кикач, роден, живеел (подоцна се преженил и имал други деца) и починал во Прилеп. Баба ми Марија често знаеше да ми каже дека имам “прилепски инает” на дедо ми (ха,ха,ха), па така мојата порака до прилепчани, битолчани и останатите од Пелагонискиот регион е да го задржат тој инает, бидејќи ем е традиција (ха,ха,ха) ем е корисен кога некој ќе се обиде да ве потцени и кога ќе ги искачувате тешките скалила кон успехот.

Ви благодариме за одвоеното време и ви посакуваме успешна работа во иднина, многу среќни вести пренесени до македонскиот аудиториум, здравје и среќна на тебе и твоето семејство.

Благодарам. Бог со вас и вашите читатели. Господ да ни ја чува Македонија и целиот македонски род.

Подготви: АЛЕКСАНДАР ГЕОРГИОСКИ




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.