Еден од најубавите манастири посветени на Св. Петка се наоѓа кај Цапари: Спокој и убавина која датира од 16 век (Фото галерија)

Манастирскиот комплекс Св. Петка во село Цапари е една од локациите кои не смеете да ги пропуштите при Вашата посета на Битола. Сместен во густатата букова шума на Баба планина, овој манастир е една од омилените дестинации на битолчани во летниот период, како прибежиште од летните горештини во градот.

До манастирот се стигнува преку тесен асфалтиран пат во должина од околу 1 км од село Цапари, кое пак е оддалечено околу 15 км од центарот на Битола.

Овој манастир е еден најубавите манастири посветени на Света Петка, а се верува дека на ова место имало манастир уште во 16 век.

До почетокот на осумнаесеттиот век бил доста запуштен, а во 1724 година го обновил отец Дионисиј. Денешната манастирска црква датира од 1849 година. Во 1995 година, црквата настрада од пожар што го запали иконостасот, иконите и најголемиот дел од инвентарот. Набргу потоа, таа била обновена со помош на локалните христијани.

Во архитектонски поглед, црквата е трокорабна псевдобазилика со впишан крст. На запад, има нартекс одделен од наосот со денивелација на подот и ѕидарски парапет во линија на последните два западни столба.

Манастирот изгледа како света тврдина, а кога ќе зачекорите низ портите е вистинска рајска градина.

Во околината има широка ливада со летниковци, чешми со студена вода и природа која е рај за очи и душа.

Посетете го манастирот Св. Петка кај Цапари, ќе понесете прекрасни спомени, мир и спокој.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.