Два века старата црква во прилепско Лениште огpaбена од вандали: Укpaле предмети од кујната, камбаната, опустошени липите (Видео)

Осакатени липи во дворот од гробиштата, украдено клепало од црковното ѕвоно од камбанаријата, како и поситен црковен и кујнски инвентар во вредност од над 20.000 денари се последиците од последната „посета“ на се уште непознатите сторители на два века старата црквата „Св. Атанасиј“ во прилепското село Лениште – објави “АЛФА ТВ”.

„Се докажа дека во црквата има провалено. Има штети направено, липите се искршени. Инвентар кој ни треба во црквата: свеќници, кандила, инвентар од кујната има земено, шерпи, тенџериња, лонци за готвење..Јас кога дојдов во моментот да ја удирам камбаната, видов дека камбаната не функционира и сфатив дека е украдено тоа за тропање што е во ѕвоното, сајлата ја немаше и така увидов дека се работи за провала, за кражба“,- ни рече Кире Нешкоски, член на Црковниот одбор.

Нешкоски вели дека оваа кражба од пред десетина дена не била прва. И претходно на повеќе наврати се случувало да им снемува градежен материјал и алат. Се сомневаат дека се работи за добро организирани групи кои пустошат во овој регион, заради што бараат и поголема будност и ангажман од полицијата.

„Еве да поставиме камери, ама тој систем како функионира, јас не знам. Да има стражар, треба некој да го плаќа. Црквата е стара, една од најстарите во околината на Прилеп, на овој дел нагоре што е кон Плетвар. Затоа нека си преземе власта начини, нека си праќа патроли со возило, нека ги обиколува Лениште, Плетвар, значи овие се места без население, а има богатства, цркви, вредности кои треба да се чуваат. Има и дрвокрадство, два-тројца што се тука, велат дека им доаѓаат дури и до нивните куќи и немаат начин да се одбранат“, – објаснува Нешкоски.

Инаку, кражбите и вандализмот во црквите и манстирите во околината на Прилеп, за жал, не се непозната работа. Пред неколку дена, по којзнае кој пат, повторно мета на крадци и вандали беше и црквата „Св. Никола“ во с. Дабница, при што украдени биле круните за венчавање, кадилници, кандила и др. поситини предмети кои се користат во богослужбите. А додека пред три месеци, арамиите ја уништија трпезаријата, го искршиле фрижидерот, а ги украле и металните плочи од шпоретот за готвење, како и металните врати и прозорци. Арамиите, се уште не се пронајдени.

KAРОЛИНА ДУРЛО




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.