Да се придонесува во унапредување на меѓуетничките односи е благородна работа – Интервју со Влатко Кузманоски

IMG_9602

Oд неодамна блесна новиот сјај на основното општинско училиште Св. Кирил и Методиј во с. Канатларци.

Прилепско Канатларци е пример за соживот и толеранција помеѓу македонското и турското население. Голем придонес кон тоа дава и директорот на училиштето Влатко Кузманоски, кој максимално се вложува дечињата од различните националности да бидат еднакво третирани, да ги добијат сите потребни услови, за едно современо образование. 

Во интервју разговорот со директорот дознаваме повеќе за наредните активности на училиштето, наредните проекти и планови.

Колку време основното општинско училиште “Св. Кирил и Методиј” го имате под свое раководење, кои беа првичните впечатоци кога започнавте со работа?

Основното општинско училиште “Св. Кирил и Методиј” го имам под свое раководење во последниве 6 месеци. На почетокот наидов на многу нови работи во врска со раководењето на училиштето и морав да вложувам големи напори за да успеам да одговорам на сите предизвици, како и да ги сработувам новите работни задачи како директор на училиште.

Како е да се биде директор на училиште во една рурална средина како Канатларци?

Да се биде директор на училиште во една рурална средина е мошне голем, но и благороден предизвик. Наидувам на голема соработка од населението во Канатларци. Ние како училиште имаме одлична соработка како со месната заедница од селото така и со родителите на учениците и заеднички придонесуваме за решавање на проблемите во училиштето.

Училиштето од неодамна е во ново руво. За каква инвестиција се работи и што добија учениците и вработените со ова реновирање?

Се работи за инвестиција од страна на УСАИД и американската војска во соработка со Локалната самоуправа на општина Прилеп. Така, како резултат на проектот за меѓуетнична интеграција, со помош на УСАИД и локалната самоуправа, се реконструираа две училници, тоалетите, ходниците, а опожарената помошна просторија се адаптира во библиотека и читална. Проектот е во вредност од околу 1,4 милиони денари, од кои 1,2 милиони денари се учество на УСАИД, и 200 илјади денари на општината за набавка на  инвентар.

Кои се идните планови, зацртани проекти за во наредниот период, што наредно е приоритет за ова училиште?

Во иднина најголеми напори ќе вложуваме во уредување на училишниот двор со поставување на клупи, корпи за отпадоци, изградба на патеки и мини шумичка. Во тек е комплетно реновирање со замена на дограмата, промена на подовите и комплетна санација на ѕидовите во ходниците и во училниците во подрачното училиште во с. Подмол.  Исто така  за летниот распуст планирани ни се неколку проекти. Поставување на полици за монитори на ѕидовите од училниците, изградба на тераса, комплетно варосување и санирање на ѕидовите во училиштето и санација на постоечкиот кров и јолуците.

120

Постои ли добар соживот, почитување меѓу луѓето во населеното место Канатларци?

Населеното место Канатларци е симбол за соживот на населението. Луѓето во голема мера се почитуваат помеѓу себе, си помагаат во секојдневните активности и обврски без разлика на која вера и националност припаѓаат. Исто така и училиштето е вклучено во голем број на проекти, како што е Проектот за меѓуетничка интеграција во образованието, кои придонесуваат учениците да  го негуваат тој соживот од мали нозе.

Колку ученици посетуваат настава во училиштето и какви ученици се според успехот?

Во централното училиште во с.Канатларци, заедно со подрачните училишта во с. Ерековци, с. Подмол и с. Бонче вкупно посетуваат настава 206 ученици. Наставата се изведува на Македонски и Турски наставен јазик. Средниот успех на годишно ниво  кај учениците од прво до деветто одделение се движи од добар до многу добар успех.

Што е предизвик за вас како млад раководител, што сакате да постигнете со работата во оваа средина?

Најголем предизвик како раководител ми е подигнување на свеста на учениците, да стекнат љубов кон образованието, да стекнат работни навики и во целост да ги научат своите одговорности за да можат во иднина да се изградат како комплетни личности. Друг предизвик, секако, ми е подобрувањето на просторните услови во училниците, ходниците и секако училишните дворови. За таа цел имам изработено развојна програма и акционен план кои треба да ги реализираме и имплементираме во текот на моето раководење со училиштето.

Опремено ли е училиштето со компијутери за спроведување на интерактивна настава и за полагање на екстерните тестови?

Училиштето е комплетно опремено со компјутери и лаптопчиња за секое дете, со пристап до интернет, смарт табла и проектори за спроведување на интерктивната настава и спроведување на процесот на екстерното тестирање.

Директоре ви благодариме на одвоеното време, ви посакуваме да ги реализирате вашите планови, визија и да продолжите со себевложување кон унапредување на оваа рурална средина.

А.Г.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.