Здравствениот дом, или како што го знае народот Уредот, корените ги влече од 1927 година. Граден е да трае од германски архитекти. Темелите биле на стари, запустени муслимански гробишта.
На почетокот, акцентирана била заштита на младината. Работеле антималаричната станица и во него биле сместени општи амбуланти со диференција за бактериологија, хигиено-епидемиолошка, хематолошка и други дејности.
За жал германската градба изгорела околу педесеттите години на минатиот век. Новиот Уред е пуштен во употреба 1968-ма година.
Пред матичните лекари, имаше детски диспанзер со доктори кои препишуваа апчиња, сирупи, капсули или во најлош случај инјекции. Се вршеа систематските прегледи за учениците.
Постоеа и уште постојат стоматолошки ординации кои беа “страв и трепет” за децата кога ќе го слушнеа брмчењето на брусилката за чистење на забот. Во гломазни шкафови се чуваа картоните за пациентите, кои долго време чекаа за преглед со малите книшки во разни бои.
На фотографијава, го гледаме сиот медицински и помошен персонал како позира пред новоста – возилото за брза помош, кога ретки биле автомобилите, па оваа атракција им ја олеснило за многу работата на докторите и на пациентите кои не можеле да стигнат до Уредот.
Taкси немало, па оваа реликвија од автомобил била единственото транспортно средство за болните. Покрај лепенката на црвениот крст, нема адаптација за пренесување на луѓе во тешка здравствена состојба.
Затоа може само да се замисли каква била одисејата и на возачот и на пациентот.
Денес Уредот е во сосема друго светло. Има одлично опремена лабораторија, бројни апарати, диспанзери по европски терк и далеку подобри возила за брза помош.
Извор: “Зенит”