Грчките медиуми се уште пишуваат за воспоставувањето дипломатски односи меѓу Малта и нашата земја, при тоа истакнувајќи дека Малта, неколку дена откако го презеде претседателството со ЕУ ја призна Република Македонија под уставното име.
Во Грција на оваа тема воглавно се пренесува веста на МИА за воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји и соопштението на македонското МНР дека овој чин „е од исклучителна важност поради тоа што Република Малта и Република Кипар беа единствените две држави членки на Европската унија со кои Република Македонија досега немаше воспоставено дипломатски односи, дури и по 26 години од независноста“.
За грчките медиуми, „со ова грчкиот дипломатски фронт доби уште еден удар“. „Либерал.гр“ наведува дека одлуката на Малта да ја призае нашата земја под уставното име била соопштена за време на неформалниот состанок на министри и државни секретари за европски прашања што се одржа на почетокот од неделава во Валета, на кој присуствувал и грчкиот заменик-министер за надворешни работи Јоргос Катругалос од кого „немало никаков одговор, дури ни симболичен“.
Во меѓувреме, Катругалос вчера во Атина се сретна со амбасадорот на Малта во Грција Џозеф Кашиери во контекст на преседателството на Малта со Советот на ЕУ во првата половина од 2017 година, соопшти грчкото МНР.
„За време на средбата, беа потврдени одличните билатерални односи меѓу двете земји и беа разменети ставови за многу прашања во рамките на ЕУ, со посебен акцент на прашањето за миграцијата. Беше договорено во текот на овие шест месеци да се задржи комуникацијата и редовните консултации за прашања од заеднички интерес, и во пресрет на неформалната конференција на европските лидери за иднината на Европа, што ќе се одржи на 3 февруари во Валета“, стои во соопштението.
„Малта го призна Скопје како ‘Македонија’ а Грција слави за … приближување на ставовите“, искоментираа некои локални информативни портали за соопштението на грчкото МНР.