Синоќа во ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ беше отворена изложбата „Асоцијации“ од уметницата Росица Лазеска, која се претставува со 29 цртежи.
За нејзиното творештво на отворањето говореше Викторија Димеска, историчар на уметност, која посочи дека колажните композиции на Лазеска изобилуваат со интимни сензации и автентични имагинативни форми, облици и знаци – реконструкции на внатрешни, асоцијативни и мисловни процеси.
-Ликовните структури дејствуваат автономно со динамична експресивна можност, креирајќи ја траекторијата на движења на соседните имагинативни ентитети. Делата на уметницата продираат низ процесот на свесниот разум и се врежуваат во меморијата на оној кој ја набљудува композицијата. …Исклучителноставо творештвото на Лазеска не само што се припишува на нејзината артистичка способност да создаде разнообразен ликовен јазик, туку се темели и на креативната можност да го материјализира и претстави процесот на интроспективно освестување, односно будење на себството. Во суштина, идејата за отелотворување на процесот на создавање или будење на свесноста како најинтимен процес на човековиот ум, преку ликовниот јазик, ја доближува уметницата до обидите за интерпретација на свесноста од страна на современите филозофи – посочи Димеска на отворањето на изложбата на Лазеска.
Росица Лазеска дипломира на Архитектонскиот факултет во Скопје 1986, на ФЛУ Скопје отсек графика во 1992, од кога е и член на ДЛУМ. Во периодот од 1993-1995 работи на изработка на неколку поштански марки. Добитник е на бројни награди, меѓу кои и на Гранд При на 2 – то Интернационално графичко триенале во Александрија, Египет во 1996година. Реализирала повеќе самостојни и групни изложби во земјата и во странство.