Како што известивме пред неколку дена, започна целосното реновирање на општата болница “Борка Талески” во Прилеп. Oва е прво вакво реновирање на болницата откако е изградена. Од фотографиите може да се забележи дека веднаш се интензивирани работите и се работи со полна пареа.
Имено зафатот за кој Владата на Р. Македонија одвои 70 милиони денари значи дека ќе бидат реконструирани 50 санитарни јазли, операционите сали, ќе бидат инсталирани 4 нови лифтови, ќе се реновираат болничките соби, ќе се постават нови внатрешни подови, дограма, плафони и ново осветлување.
Значајно е тоа што една голема општина како Прилеп, и граѓаните во неа и регионот, конечно ќе добијат современи услови за пружање на здравствена заштита, како и тоа дека со ова реновирање далеку повеќе ќе се подобри довербата во квалитетот на тие здравствени услуги од страна на граѓаните.
Периодот на реализација на овој проект е со време траење од 5 месеци, што значи дека за многу брзо време ќе се види разликата.
Ваквите капитални проекти се за поздрав и почит, имајќи го во предвид тоа што итно беше потребно eдно вакво целосно реновирање на болницата во градот под Марковите Кули.
Александар Георгиоски