Набавка на опрема, поставување фотоволтаици за обезбедување еко-енергија за сопствените потреби, проширување и опремување на магацински простор, развој на нови производи, се дел од инвестициите што ги реализира Витаминка како резултат на финансиската помош од Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Дел од овие инвестиции вчера ги видоа и претседателот на Владата Димитар Ковачевски и министерот за економија Крешник Бектеши.
Досега спроведените инвестиции во Витаминка отворија простор и создадоа услови за дополнително проширување на компанијата, зголемување на капацитети и на производството, истакна генералниот извршен директор на Витаминка Сашо Наумоски:
„Развојот на компанијата, инвестициите и создавањето услови за долгорочна одржливост отсекогаш се дел од стратегијата на Витаминка. Инвестициите што ги вложивме во изминатите години, даваат резултат. Се соочуваме со кризни години. Тешки години за земјава. Токму во вакви години делумно со средствата доделени како помош од Владата успеавме да инвестиравме во купување на опрема, во фотоволтаична централа за сопствено производство на струја, проширување и опремување на магацински простор, развој на нови производи и за реконструкција и надградба на систем за автоматско управување со мулдинг линијата за производство на чоколада. Сите овие инвестиции влијаат врз работата на Витаминка и се во насока на унапредување, модернизација и автоматизација на техничко-технолошките процеси.
Тоа придонесува Витаминка континуирано да се проширува со поголема достапност на пазарите, во производството и производните капацитети, а сето тоа позитивно се одразува и врз пазарот и граѓаните.
Фабриката за масло во Штип, која ја купивме пред 4 години, денеска работи како дел од Витаминка и го снабдува домашниот пазар со дури 40 отсто од вкупната потреба на масло за јадење. Од целосното производство на Витаминка, 47% се пласира на странските пазари и тоа во над 30 земји. Работата на Витаминка, со овие бројки и показатели се одразува и врз домашната економија и економските параметри, а во моментов, кога сите се соочуваме со неизвесност предизвикана од случувањата на светските пазари, Витаминка работи во полн капацитет и со континуирано производство непрекинато ќе го снабдува пазарот со масло за јадење и другите основни производи“, истакна генералниот извршен директор на Витаминка, Наумоски.
Компанијата беше корисник и на средства за финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти во текот и во пост Ковид периодот, средства коишто беа искористени за фотоволтаична централа и вложување во фотоволтаици за производство на струја, за опрема за производство и лабораториска опрема, за реконструкција на објекти и за реконструкција и надградба на систем за автоматско управување со мулдинг линијата.
Витаминка е основана во 1956 година, како компанијата за производство на само еден производ, црвен пипер, а денес располага со производна палета од околу 350 пакувања производи во 20 различни категории. Во фабриката во Прилеп и фабриката Брилијант во Штип вработува околу 700 лица. Со својата обемна општествена одговорност и активност е еден од најголемите поддржувачи и помагачи на заедницата, со чести донации за социјално загрозени семејства, хуманитарни организации, донации и спонзорства во спортот, образованието и културата.