ВМРО-ДПМНЕ: “Цветаат само кафеаните на функционерите од СДСМ во старата чаршија – Другите се молат овие црнила да завршат побрзо” (Видео)

Со кое лице Генералниот секретар на СДСМ, Кирацовски се појавува пред прилепчани, на истото место од каде што неговиот ментор Зоран Заев ја најави двојазичноста низ цела територија на Република Македонија и пропагираше смена на уставното име.

Кирацовски си дозволува да ги прави прилепчани при очи слепи, и да ги убедува дека цветаат рози и се живее раскошно, истакна Петар Ристески, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

-Исто така прашуваме дали Кирацовски со локалните функционери ги посети дуќанџиите, занаетчиите, луѓето кои не се партиски послушници од редот на СДСМ, за да бидат експресно вработени на високи позиции во јавните установи за да ги праша како им е? Дали Кирацовски ја слушна маката и на пазарџиите, земјоделците, на сите овие луѓе кои секој ден водат тешка битка за заработувачка, кажувајќи како државата никогаш не била во полоша состојба, со најмизерен економски раст, со нула инвестиции, по сите светски анализи карактеризирана како најлошо место за живеење во Светот? И додека младите прилепчани секој ден се иселуваат се повеќе како никогаш порано и го бараат својот спас во странство, затоа што вие господа од СДСМ не сте способни да отворите ниту една фабрика, вие се занимавате се уште со ВМРО-ДПМНЕ како да сте опозиција, а не власт две години. Луѓето од вас чекаат резултати и испорачување на ветеното, а не гол популизам со веќе видена реторика, својствена за луѓе без идеи и желба за работа. Господа од СДСМ, она што досега успешно го сработивте е за задоволување на апетитите на неколкумина функционери на СДСМ, кои ја запоседнаа речиси целата стара прилепска чаршија со своите кафиќи и бизниси, додека останатите трпат за парче леб. Она што успешно го сработивте е вработувањето на вашите синови, ќерки, внуки, зетови, најблиски роднини и пријатели, покрај останатите луѓе професионалци кои се пријавија на огласите, а беа одбиени затоа што немаат партиска книшка од СДСМ, истакна тој.

Ристески посочува дека она што досега успешно го сработи власта е донесувањето црнила какви што Македонија досега не памети.

-Продажбата на нашето име, тргувањето со националните интереси, виткањето кичма пред Грција и Бугарија и склучувањето на катастрофални договори со нив. Благодарение на вас господа од СДСМ, Прилеп го изгуби сјајот и никогаш не бил во поочајна состојба. Спуштете се меѓу народот. Слушнете ја маката непосредно од истите засегнати и престанете да живеете во илузорен свет, затоа што сте смешни пред очите на јавноста. Прилепчани завчера преку масовно присуство на протестот предводен од ВМРО-ДПМНЕ, на чело со претседателот Христијан Мицкоски ви порачаа едно големо „НЕ“ на вашите погубни политики. Со ова почнува и официјално падот на оваа ненародна и предавничка власт. Новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја врати Македонија на вистинскиот пат, порача тој.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.