Унијата на млади сили при ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп, денеска преку пародија му се заблагодарија на градоначалникот Илија Јованоски за “реализираниот” грандиозен проект “Здравствено спортско рекреативен центар” со покриен базен, проект кој актуелниот градоначалник го вети пред прилепчани во текот на предизборната кампања за локалните избори.
“Се наоѓаме пред сала Македонија, каде во предизборната кампања, беше ветен проектот „Здравствено спортско рекреативен центар“ со покриен базен.
Денес присуствуваме на пуштањето во употреба на овој центар.
Конечно прилепчани дочекаа да се реализира уште едно од многуте ветувања на градоначалникот Јованоски, кој вети еден ваков модерен центар, за децата со искривен рбет, мајки со бебиња, повредени спортисти за физикална терапија.
Исто така благодарни сме и за реализацијата на вториот дел од овој проект, кој е наменет за рекреативно пливање, фитнес центар и колективна гимнастика.
Прилепчани со нетрпение го чекаа пуштањето во употреба на овој центар. Прилепчани со нетрпение ја чекаат и реставрацијата на прилепската чаршија, спортско – рекреативниот центар „Вештачко езеро“, зоната за кампување, патеките за велосипедизам, за трчање и пешачење, со платформата за безбедно пливање, како и спортските терени за тенис, одбојка, кошарка, кои ги вети градоначалникот Јованоски.
Со вакво темпо на работа на локалната власт, изгледа на прилепчани освен чекањето, нема ништо друго да им остани”, истакнаа од Унијата на млади сили при ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.