Тенискиот клуб Винер Про од Прилеп опстојува од 2009 година и е најсовремената школа за тенис во нашиот град. Доколку сте заинтересирани рекреативно или пак професионално да се бавите со овој спорт, клубот Винер Про е вистинското место. Нивната програма се состои од учење на нови тениски вештини како и забава и стекнување на нови пријателства.
Иако периодот на нивно постоење не е толку долг, луѓето од клубот можат да се пофалат со бројни успеси на своите членови, кои настапуваат на домашни и меѓународни турнири. Интересно е тоа што во клубот тренираат многу мали дечинња кои и на таа возраст успеваат да донесат медали и одликувања. Како најуспешни за оваа година од клубот ни ги кажаја имињата на Михаил Кусески, државен првак на Македонија до 16 години и Кристијан Селчанец кој се наоѓа во првите пет до 14 годишна возраст.
Михаил Кусески настапувал на турнири како на европско така и на светско ниво, додека пак Кристијан Селчанец покрај на турнири дома во Македонија, се натпреварува и се докажува и низ Европа. Михаил и Кристијан имаат освоено многу први места, тренираат напорно секој ден заедно со нивниот тренер Александар Јорданоски, се со цел за уште поуспешни резултати и освоени турнири.
Здружението за промовирање на културните вредности во Пелагонија, Маркукуле Прилеп, во делот на своите цели има зацртано афирмација на спорт кај младите во нашиот град и околијата, така да сметаме дека промоцијата на овие школи е навистина потребна за вистинскиот развој на децата и младите и поттикнувањето на здрави животни навики кај нив.