На 19 и 20 октомври во Охрид, во спортската сала “Билјанини Извори”, се одржа Државното првенство во бокс во категориите: деца, кадети, јуниори и сениори.
Организатор беше Боксерската Федерација на Македонија и боксерскиот клуб “Алексо Огненовски” од Охрид. На ова превенство пријавени беа околу 140 боксери. Боксерскиот клуб “Ас” од Прилеп настапи со четворица боксери предводени од тренерите Ѓорѓи и Дарко Чатлески.
Во категоријата кадети +80 кг. Далибор Карафилоски го освои бронзениот медал, во категорија деца до 80 кг. Матеј Чатлески го освои сребрениот медал, а во кадети до 60 кг. Дамјан Талимче по победата во полуфинале ќе настапи во финале на следното боксерско коло што ќе се организира од БФМ.
Мартин Алексоски во категорија кадети до 54 кг. не настапи поради што во неговата категорија немаше пријавено други боксери.
“Ова е добар резултат за нашиот клуб, иако настапивме со двајца дебитанти во рингот на ова првенство. Имаме 3 медали од 3 боксери, а секако го чекаме и златото. Оптимистички гледаме во Дамјан Талимче за освојување на златниот медал, иако имаме еден доста јак противник во финалето. Ќе мора да се спремиме психички, физички и тактички. Се надеваме на златото. Морам да напоменам дека за прв пат на ова првенство се официјализираа и борбите во женска конкуренција. Во нашиот клуб имаме неколку добри и перспективни девојки кои од наредните кола во бокс ќе можат да го претставуваат нашиот град и клуб и да го докажат своето знаење во оваа племенита вештина”, истакна тренерот Дарко Чатлески.