АСФАЛТИРАНИ УШТЕ ТРИ НОВИ УЛИЦИ ВО ОПШТИНА КРИВОГАШТАНИ ВО ДОЛЖИНА ОД 2,5 КМ.

111

Деновиве во Кривогаштани завршува асфалтирањето на трите улици во населените места Кривогаштани, Обршани и улицата која ги спојува селата Бела Црква и Воѓани. Инвестицијата за овие три улици чини 200.000 евра, пари обезбедени преку кредит од Светска банка.

„Се работи за улицата „Илинденска“ во населеното место Кривогаштани и уште две улици во населените места Бела Црква и Воѓани, тоа практично е една улица која ги спојува овие села, и улица во населено место Обршани. Се работи за должина од 2,5 км. нови улици, ќе остане да се изработи уште делот на банкините на овие улици кои ќе се изработат во наредните 7-8 дена“, вели Тони Заткоски, градоначалник на Кривогаштани.

За успешна реализација на проектот општина Кривогаштани добила и грант од Светска банка во висина од 40.000 евра, пари кои ќе ги употребат за асфалтирање на уште една улица во населеното место Крушеани, во должина од 350 метри.

„Моментално во тендерска постапка се уште 2 улици, односно пред се се работи за иста улица која се работи во две фази. Вредноста на проектот е 4 милиони денари, а реализацијата треба да биде крајот на септември или почетокот на октомври. Тоа е улицата „Македонски просветители“ во населено место Кривогаштани, која ќе биде комплетно изработена со атмосферска канализација, тротоарски површини и проширување на улицата до 7 метри“, додаде Заткоски.

Реконструкцијата на регионалниот пат кој се гради во општината од Воѓани до Кривогаштани во должина од 9 км. е во завршна фаза. Остануваат неасфалтирани само уште 1,2 км во селото Крушеани, поради што таму се изведуваат градежни работи за поставување на нова канализациона мрежа. Се очекува и овој дел од патот да биде завршен некаде кон крајот на месец октомври.

02-5cacd76a30-702x336

 

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.