Претседателот на ДУИ Али Ахмети за ТВ 21 потврдил дека започнал со преговори за формирање на нова влада со победничката, односно партијата која има освоено највеќе мандати на предвремените парламентарни избори.
Иако во одговор за ТВ21 лидерот на ДУИ потврдил дека ќе преговара за формирање на владина коалиција со партијата која добила највеќе пратенички мандати на последните предвремени парламентарни избори, тој негирал дека досега имало било какви официјални средби помеѓу него и мандатарот Никола Груевски, или пак средби на било какви работни групи.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во текот на вчерашниот ден предупреди дека доколку ДУИ не го почитува принципот на преговарање со победникот, тогаш ниту неговата партија нема да го почитува овој принцип на наредните избори.
„Ако ВМРО-ДПМНЕ како победничка партија биде изиграна од ДУИ, независно кои ќе бидат причините за тоа, бидете убедени дека наскоро ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати на голема врата во владата и тоа најмалку два мандата по ред. И ќе бидеме без каква било обврска при составувањето на владата“, вели Никола Груевски.
Победничките партии во македонскиот и албанскиот блок имаат вкупно 61 пратеник со што е исполнет условот за формирање на Парламентарно мнозинство.
Оваа најава значи дека конечно и Зоран Заев ќе треба да си ја поднесе оставката која ја најави пред почетокот на изборниот циклус.
Коалицирањето сепак, не значи и прифаќање на условите од платформата која ја донесоа Албанските партии со посредство на Тирана и Приштина. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во двете последни интервјуа за „Дневник“ и „Република“ изјави дека тој е спремен за коалиција со ДУИ но не по секоја цена.
Ќе се обидам да составам влада, но не по секоја цена. Ако се оди по досегашните установени принципи во Македонија, би требало да составам влада. Ако се прекршат, с` е можно, вели во интервјуто за „Дневник“ лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, по повод платформата што ја објавија албанските партии од Македонија, а чие исполнување е услов за тие да коалираат со една од двете македонски партии во идната влада.
Извор: Инфомакс