“ ЧКЕМБАРИТЕ” пара тарапаана, ”МАЈМУНИТЕ” бели во очите..?!

Ракометниот клуб Пелистер од денеска има нова управа изгласана од Општина Битола која останува главен финансиер на клубот кој е обележје на градот. Ова е прв чекор во стабилизацијата на клубот со богата традиција кој според најавите од Битола ќе има втор најголем буџет во македонскиот ракомет, после Вардар, објави спортскиот портал Екипа.мк

Фото: tera.mk

Со ваквата одлука клубот кој е миленик за битолчани и навивачката група “Чкембари” ќе го зачува своето име, својот опстанок, традиција и веројатно одново ќе се наоѓа во самиот спортски врв.

Не така далеку од Битола, на 45 километри во вториот по големина пелагониски град Прилеп, спортот, а особено ракометот е пред самиот колапс.

Информациите дека општина Прилеп со новото раководство одбило да го финансира ракометниот клуб “Прилеп”, значат дека клубот најверојатно ќе добие клуч на вратата и ќе биде расформиран.

Иако традицијата за овој спорт влечи длабоки корени и во Прилеп, прилепската публика и навивачката група “Мајмуни” повеќе нема да уживаат во гледајќи го својот омилен ракометен клуб.

Клубот кој после долги години во 2016 година донесе одново европски ракометен во градот, пласирајќи се во ЕХФ Купот, доживува тешки денови.

Иако ветувањата во предизборието беа нешто друго, а на тоа поверува целата спортска јавност, за овој клуб многу сигурно ќе може да се чита само во архивите.

Не само ракометниот клуб “Прилеп”, се повеќе се шпекулира дека и фудбалскиот клуб “Победа” се соочува со сериозни проблеми и реперкусии.

Дали ќе следува нов шок за следбениците и на овој клуб, ќе видиме многу наскоро. Ако “Чкембари” се подготвуваат и веруваат во европски фудбал и европски ракомет, на Прилеп, прилепчани и “Мајмуни” им останува да ги срушат виртуелните бариери за така наречено “пелагониско ривалство” и да веруваат во успехот на “зелените” на меѓународна сцена.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.