Пожарите кои беснеат низ целата држава, не го одминаа ниту Прилеп. Деновиве гори на повеќе локации, а огнените јазици проголтаа огромни површини со шуми.
Пожари беа регистрирани во мариовско село Кален, во близина на манастирот Св. Илија Писокал, сеуште гори кај Никодин, пожар имаше и во атарот на селата Царевиќ, Дрен и Смолани.
Пожарот кај село Царевиќ
Нешто што изминатите денови најмногу ги потресе прилепчани е пожарот околу манастирот Трескавец, каде вековното светилиште на градот сеуште е под закана.
И додека целата влада е по одмори и ужива по плажите, прилепчани се мобилизираа и без никаква помош од новата влада го чуваат манастирот и го контролираат жариштето.
Цели ноќи повеќе од 100 доброволци заедно со Територијалната противпожарна единица Прилеп и Локалната самоуправа, се бореа со силниот пламен, кој постојано се разгорува и им создава проблеми.
За тоа време министерот за Земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николоски, според информации на порталот Курир, се наоѓа на одмор во Шпанија, премиерот се сонча во Охрид, а министерот за Транспорт и врски, кој е сограѓанин на прилепчани, го нема за жив да се појави.
Тоа не ги обесхрабри граѓаните и денеска, кога пламенот на пожарот кај Трескавец стигна до ѕидините на манастирот, да се искачат во голем број до него и повторно да го стават под контрола пожарот.
Но, додека на едно место се реагира, на други локации се разгоруваат нови пожари. Ова е незапамтено и е огромна штета, што поради незаинтересираноста на владата горат белите дробови на градот под Марковите Кули.
Пожарите во прилепско сепак оставија огромен пустош зад себе, а доколку и во идниот период Владата чека дожд да ги угасне пожарите, сликата ќе биде многу полоша.
Александар Г.