Ова е распоредот на натпревари на нашите ракометари на ЕП во Хрватска

Во петок на 12-ти јануари, започнува Европското првенство во ракомет, на кое ќе учествува и македонската ракометна репрезентација. Првенството ќе трае до 28-ми јануари, а ќе се одржува во четири хрватски градови, Загреб, Сплит, Пореч и Вараждин.

Македонија е дел од групата Ц, заедно со Германија, Словенија и Црна Гора. Првиот натпревар го играме во сабота, на 13-ти јануари, против селекцијата на Словенија од 19:30 часот.

Вториот меч го играме два дена подоцна, односно во понеделник на 15-ти јануари, против селекцијата на Црна Гора во 20:30 часот. На 17-ти јануари, од 18:10 часот играме против фаворизираната Германија. Сите три натпревари нашите ракометари ќе ги одиграат во загрепската Арена.

За да продолжиме во следната фаза, Македонија мора да заврши на едно од првите три места во групата. За четвртопласираната селекција, настапот ма ЕП завршува.

Пепи Манасков: Македонија е лимитирана, втората фаза ќе биде успех

Додека македонската јавност со еуфорија го очекува почетокот на ЕП 2018, Пепи Манасков е еден од ретките кои се песимистички расположени во пресрет на новиот континентален собир. Легендата на македонскиот ракомет во разговор за „Балкан хендбол“ открива зошто не верува премногу во успех на нашиот национален тим во Хрватска.

„Очекувам поинаква Македонија, бидејќи бековската линија е подмладена. Талески и Кузмановски би требало да го покажат својот квалитет. Се уште не се зрели, но напредуваа играјќи за своите клубови. На десната страна го имаме Кире Лазаров, но тој веќе е во години и прашање е колку ќе може да го издржи напорното темпо на ЕП. Факт е дека Македонија е лимитирана, нема голем избор на бековските позиции. Ќе имаме проблеми, бидејќи имаме една постава, но не и премногу алтернативи. Ако голманите не бидат на завидно ниво, ќе имаме огромни проблеми“ – вели Манасков за „Балкан хендбол“.

Што се однесува до пласманот на овој европски шампионат, поранешниот „бомбардер“ смета дека самиот пласман во втората рунда би бил голем успех.
„Ја разбирам еуфоријата, нормално е луѓето да ја сакаат својата репрезентација, да сакаат да стигнат што подалеку. Сепак, реалноста и желбата често не се исто. Пласманот во вториот круг би бил успех, се повеќе од тоа би било супер“ – порачува Пепи Манасков.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.