Учениците од СОУ “Орде Чопела” Прилеп традиционално секоја година учествуваат на Државните натпревари на млади истажувачи, организирани од Народна техника на Македонија. Училиштето им нуди можности на учениците за развивање, практика и истражување во лабораториите со кои располага под менторство на предметните професори. На овогодинешниот 53 Државен натпревар на млади истражувачи кој се одржа на 13 мај во Куманово тројца ученици се закитија со медаљи.
Симона Ѓореска ученичка во III година освои III место во категоријата органска хемија со нејзиниот истражувачки проект Квалитативна анализа на органските соединенија во Прополисот под менторство на професорките Билјана Апостолоска и Татјана Тасевска. Нејзината соученичка Марија Спиркоска исто така освои III место во категоријата аналитичка хемија со проектот Анализа на јаглехидрати во овошје под менторство на истите професорки. Игор Јакимовски ученик од III година се закити со бронзен медаљ освојувајќи III место во категоријата еколошка хемија со проектот Биодизел под менторство на професорките Јасмина Петреска и Звездана Николоска.
Учениците од хемиско – технолошката струка од образовните профили: прехранбен техничар и техничар – нутриционист во СОУ „Орде Чопела“ покрај теоретските знаења се стекнуваат со практични вештини во трите лаборатории кои функционираат во училиштето. Во 2009 година со поддршка на Општина Прилеп е реновирана хемиската лабораторија каде што учениците изведуваат вежби и практична настава.