Македонските метеоролози со прогноза: Каква зима не очекува

Топла зима со натпросечни температури и врнежи во рамки на многугодишниот просек прогнозираат метеоролозите за претстојната зима. Постудено време се очекува од втората половина на јануари.

Температурите на воздухот во Македонија овој месец и наредните два зимски месеца имаат поголема веројатност да бидат над просекот, со отстапување од околу два степена од многугодишниот просек. Отстапувањето се очекува да биде поизразено во источна Македонија. Се очекува просечно врнежлива зима, со мала веројатност за позитивно отстапување во источниот регион на Македонија.

Декември се очекува да ги достигне просечните вредности на температурата и врнежите. Во јануари температурата се очекува да биде над просекот, а врнежите во рамки на просечните вредности. Во втората половина на јануари постои поголема веројатност за продор на студен  воздух од североисток кој ќе условува студено и суво време, а во нардниот период моделите даваат сигнал на промена, судир на сувата и студена воздушна маса од север со влажна воздушна маса од југ, која доаѓа преку Медитеранот и може да условува пообилни врнежи од дожд и снег. Во февруари се очекуваат надпросечни температури и врнежи.

Од УХМР напоменуваат дека сезонскиот изглед на времето не може да обезбеди детални информации за интензивни краткотрајни временски неприлики како зимски олуи, екстремно студени периоди, екстремно влажни и слично.

Во Македонија од 1950 до 2017 година најтопла била зимата 1950/1951, а најстудена 1953/1954 година.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.